• четврток, 21 ноември 2024

Проекција на краткиот филм „Мавера“ во МКЦ

Проекција на краткиот филм „Мавера“ во МКЦ

Скопје, 12 јули 2024 (МИА) - Во Младинскиот културен центар (МКЦ) вечер ќе се одржи проекција на независниот македонски краток филм „Мавера“.  

Овој краток филм, како што соопшти режисерот и продуцент Батухан Ибрахиме, е независен, снимен без никаква надворешна или државна финансиска поддршка, а е во копродукција со Факултетот за драмски уметности во Скопје и Апофенија Пост.

- Мавера е независен филм, го снимивме со сопствени средства, иако овој принцип на работа е многу тежок и навидум делува ограничувачки, на тимот кој што беше со мене тоа воопшто не им беше битно, тие ги овозможија сите можни услови за да се реализира овој филм. Многу сум среќен поради тоа што сите, неуморно, ми овозможија да снимам 14 дена краток филм, веројатно ова се случува прв пат кај нас, еден краток филм да се сними во толку многу денови. Но јас и мојот тим, одлучивме да покажеме дека ние не снимаме туку создаваме филм. Според мене сетоа ова е доказ дека независниот филм постои, вели режисерот и продуцентот Батухан Ибрахим.

Двете сестри, Билјана и Вики, се соочуваат со сложени предизвици по смртта на нивниот татко. Постарата Билјана ја сноси одговорноста да ја продаде семејната куќа за да ја обезбеди иднината на Вики. Наративот се развива додека таа се соочува со бирократскиот лавиринт, обидувајќи се да докаже дека нејзиниот татко е починат.

Минатата година, се додава во соопштението, на филмот му беше доделено специјално признание во ракмите на ИФФК „ Браќа Манаки“ од познатиот кинематографер Питер Бижу. На премиерата во Скопје, во склоп на филмскиот фестивал „Sирни“ ја доби наградата за најдобар филм - “Данчо Чеврески”. Оваа година „Мавера“  беше претставен на маркетот за кратки филмови во склоп на интернационалниот филмски фестивал Clermont-Ferrand. 

Режисер и сценарист на филмот е Батухан Ибрахим, продуценти се Батухан Ибрахим и Стефан Ѓоргиевски, директор на фотографија е Стефан Ѓоргиевски, а монтажер е Драган Спасов, дизајнот на звук е на Ристо Алчинов, костимограф на филмот е Андреј Ѓоргиевски-Папаз. Улогите ги толкуваат Симона Спировска и Мирјана Трпковска - Костовска.  цр/

Фото:  Режисерот и продуцент Батухан Ибрахиме

Остани поврзан