• понеделник, 23 декември 2024

Проект на Колектив ЗЕРО во Мала станица - NOMEN EST OMEN

Проект на Колектив ЗЕРО во Мала станица - NOMEN EST OMEN

Скопје, 12 октомври 2023 (МИА) - Во просториите на Мултимедијалниот центар Мала станица вечер со почеток во 20 часот, за љубителите на постмодерната уметност ќе биде претставен проект – инсталација во простор на уметничката група Колектив ЗЕРО.

Од протозеро друштвото на почетокот на 80тите произлезе "Колектив Зеро" (нула, ништо, безначајност), кое е формирано во 1985 година во ориенталниот амбиент и институциите на Старата скопска чаршија.

-Колективот Ø - Зеро, во 80-тите години на 20 век претставуваше парадигма за вонинстиуционално генерациско дејствување на македонската ликовна сцена. Нивниот иронично-критички уметнички став го означи методолошкиот и интерпретативен пресврт со раскинувањето на стереотипите на „големите модернистички наративи“. Преку интертекстуалноста, интермедијалноста, пародијата или субверзијата на историскo-идеолошките дискурси со различните стилски пристапи, групата стана препознатлив знак за македонската постмодерна, се наведува за групата.

Колективот Ø, се посочува, има хетероген состав и отворен карактер, но дејствува без програма. Со првата изложба беше најавена нивната ориентираност кон мултимедиумски истражувања и излегување од етаблираните норми во уметноста и сфаќањата, не без едно тегобно романтичарско чувство.

-Колективот Ø во своето дејствување оствари специфичен спој на западната и на источната уметност и духовна традиција (неоекспресионизмот, поп-артот, стрипот, графитите итн.). Заедничкото цртање и сликање даде свежи и впечатливи примери на надреалистички "автоматски ракопис". Во сликите и муралите остварија сложена и послободна експресивна и декоративна структура. Хибридните ликови, форми и знаци се колажно или монтажно поврзани на неочекуван и инвентивен начин. Колективот Ø го помина патот од непризнавање (од т.н. "музејска критика") до признавање од поширок круг публика и познавачи. За нив различноста значеше припадност кон една друга Европа - Une autre Europe, сознание добиено по 1990те години. Проектот Nomen est Omen е рефлексија и визуелна реакција на претходно опишаното и актуелните случувања во Република Северна Македонија и пошироко, стои за проектот.

Членови на Колектив зеро се: Ацо Станкоски, Синиша Цветковски, Ибрахим Беди, Зоран Јаневски, Горанчо Ѓорѓиевски, Миодраг Десовски, Стеван Шашков, Сашо Јовчевски и Златко Трајковски (1960-2017).

Проектот инсталација на Колектив ЗЕРО ќе може да погледне до 29 октомври 2023 година. вг/мд/

Остани поврзан