• понеделник, 23 декември 2024

Продолжува седницата на собраниската Анкетна комисија за скандалот на Онкологија

Продолжува седницата на собраниската Анкетна комисија за скандалот на Онкологија

Скопје, 31 октомври 2023 (МИА) - Во Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да продолжи седницата на Анкетната комисија за скандалот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.

Во текот на вчерашното продолжение, пред членовите на Комисијата зборуваа поранешниот директор на Клиниката Никола Васев, атуелниот организациски в.д. директор Халид Матоши, неговиот поранешен колега Нехад Нухи и Билјана Настова, раководител на аптеката на Онкологија.

Васев истакна дека се земале лекови на реверс за да не им биде прекината терапијата на пациентите. Тој, како што рече, не чувствува морална одговорност за случувањата на Клиниката додека бил медицински директор. И Нухи потврди дека „имало моменти кога по одлука на медицинскиот директор, поради моментален недостиг, на реверс се набавувале лекови“, но тоа, напомена, било спротивно на Законот за јавни набавки. Потенцира и дека ја наследил Клиниката со долг од 200 милиони денари поради набавена, а неплатена биолошка терапијана. Пред Комисијата Нухи тврдеше дека на никаков начин не си играл со судбината на пациентите и нивните семејства, дека не препродавал лекови, како и дека со незаконско работење не „билдал“ долгови на Клиниката. Според Настова, софтверскиот дел на КАТО ситемот не бил комплетен. Таа не чувствува одговорност за фармацевтскиот техничар од Онкологија, Калтрин Уштеленца кој, потсети, не бил уапсен во аптеката, ниту за нешто поврзано со нејзиното работење. Матоши информира дека моментно има лекови за сите онколошки пациенти, а буџетот на Клиниката е скоро 1,5 милијарди денари. Според него, Клиниката за онкологија не издава терапија на други здравствени установи.

Одлуката за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка. Поради наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката, имаше реакции во јавноста и протести. мч/лв/

фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан