Продолжува проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“ со онлајн курсеви
- Град Скопје почна да ги реализира бесплатните тримесечни онлајн курсеви за изучување на албанскиот, македонскиот и турскиот јазик во 10 средни училишта. Курсевите се наменети за ученици и нас
Скопје, 11 ноември 2020 (МИА) - Град Скопје почна да ги реализира бесплатните тримесечни онлајн курсеви за изучување на албанскиот, македонскиот и турскиот јазик во 10 средни училишта. Курсевите се наменети за ученици и наставници, а истите се дел од проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“ предвиден во Стратегијата на Град Скопје за меѓуетничка интеграција и граѓанска вклученост.
Овој проект Град Скопје почна да го реализира во месец март минатата учебна година, но поради пандемијата со Ковид-19, курсевите беа прекинати.
Со оваа активност, како што соопшти Град Скопје, ќе бидат опфатени 257 ученици кои ќе следат курс за изучување на македонскиот јазик, 102 ученици и 56 наставници кои ќе посетуваат курс по албански јазик и 105 ученици и 15 наставници кои ќе следат курс по турски јазик. Со посетување на курсевите младите ќе имаат можност да стекнат основни познавања на јазикот на кој зборуваат нивните соученици, што ќе придонесе за нивна јазична социјализација.
- Курсевите ги држат наставници вработени во средните училишта, истите ќе бидат логистички и финансиски поддржани од Град Скопје, а со нив се опфатени следниве училишта: СУГС „Здравко Цветковски“, СУГС „Никола Карев“, СУГС „Владо Тасевски“, СУГС „Арсени Јовков“, СУГС „Д-р Панче Караѓозов“, СУГС „Боро Петрушевски“, СУГС „Зеф Љуш Марку“, СУГС „Јосип Броз-Тито“, СУГС „Димитар Влахов“ и СУГС „Георги Димитров“, се наведува во соопштението.
Во другите 13 училишта на Град Скопје вакви курсеви ќе бидат организирани во второто полугодие од оваа учебна година. мс/дма/