• вторник, 13 јануари 2026

Продолжува отстранувањето на урбаната опрема во Куманово

Продолжува отстранувањето на урбаната опрема во Куманово

Куманово, 13 јануари 2026 (МИА) - Продолжува отстранувањето на урбаната опрема во Куманово. Деновиве по празниците, продолжи отстранувањето на летните бавчи кај некои угостителски објекти.

- Врз основ на тоа што одредени објекти немаат добиено одобрение за поставување на урбана опрема, согласно одлука за поставување на урбана опрема донесена од страна на Советот на Општина Куманово се врши отстранување на нелегално поставената урбана опрема. Доколку самиот сопственик со свои средства го спроведе решението за отстранување, средствата од буџетот на Општината се користат за иста намена за други објекти, велат од Општина Куманово.

Оттаму додаваат дека дел од сопствениците самите одлучиле да ја отстранат опремата, бидејќи извршувањето преку Општината е за трипати поскапо.

- Има околу дваесетина објекти каде ќе се отстранува опремата, на различни локации во Куманово. Деновиве се спроведе во централното градско подрачје, но и во населбата Бедиње, информираат од Општината.

Отстранувањето на урбаната опрема од угостителските објекти во Куманово, за што се донесени правосилни и извршни решенија, ќе продолжи без исклучоци. Ова го соопшти градоначалникот Максим Димитриевски на последната прес-конференција, нагласувајќи дека во наредниот период, акцијата ќе се спроведува систематски и по утврден приоритет. Според него, локалната самоуправа нема да дозволи селективна примена на законот и сите објекти што незаконски зафаќаат јавна-прометна површина, ќе бидат отстранети, почнувајќи од централното градско подрачје, па кон периферијата.

- Секој објект што има уредно извршно решение ќе биде отстранет. Не можеме да правиме исклучоци, законот мора да важи подеднакво за сите. Не станува збор само за кафулињата во центарот, туку и за други локации, меѓу кои и просторот зад поранешната банка, каде што, исто така, има донесено решение, истакна Димитриевски.

Тој потенцираше дека мерките ќе ги опфатат сите правни и физички лица, кои со својата дејност ја узурпираат јавната површина, без разлика на видот на објектот. ам/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан