• петок, 05 декември 2025

Продолжува неконтролираната потрошувачка на вода во Скопје, да се избегнува непотребно трошење

Продолжува неконтролираната потрошувачка на вода во Скопје,  да се избегнува непотребно трошење

Скопје, 28 јули 2025 (МИА) - ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека продолжува енормно зголемената и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, што предизвикува повторно нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем. Како последица на сето ова, како што наведуваат, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот.

- Имајќи го предвид фактот дека Град Скопје се снабдува од природен извор со ограничени количини вода за пиење од непроценлива вредност, апелираме до сите граѓани на Град Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени и сл. Апелираме до органите на локалната самоуправа, согласно надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку месните заедници на територија на општините да се ангажираат во подигање на свеста кај жителите на општините за рационално користење на водата за пиење, се вели во соопштението.

Апелираат до граѓаните на Град Скопје ако забележат див приклучок, да го пријават на 02 3073 010, kontakt@vodovod-skopje.com.mkили www.vodovod-skopje.com.mk

- Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во Град Скопје, стои во соопштението. мд/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан