• петок, 05 декември 2025

Продолжува доизградбата на штипскиот булевар „Партизанска“

Продолжува доизградбата на штипскиот булевар „Партизанска“

Штип, 26 мај 2025 (МИА) – Доизградбата на булеварот „Патризанска“ треба да заврши до крајот на летото, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој истакна дека активностите за изградба на булеварот „Партизанска“ ќе продолжат со засилена динамика на терен. Спорните објекти ќе бидат урнати, со што ќе може да се изгради нов кружен тек за регулирање на сообраќајот. Јорданов во оваа прилика упати извинување до граѓаните заради застојот претходниот период, додавајќи дека работите ќе бидат завршени до крај.

-Продолжуваме со изградба на булеварот „Партизанска“, до крајот на летото целиот булевар ќе биде завршен со нов кружен тек кај спорните објекти. Сите тендерски постапки се завршени, изведувачот од денес, па во наредниот период интезивно со засилена динамика ќе влезе со градежни активности, изјави Јорданов.

Тој додаде дека иако Општина Штип нема надлежност, сепак заради солидарност ќе им излезе во пресрет на жителите кои живеат на овој потег на булеварот „Партизанска“. Семејствата кои живеат во објектите, кои се во сопственост на државата ќе бидат привремено сместени во Студентски дом во Штип, а потоа трајно ќе добијат кров над глава во типските куќи, кои се во завршна фаза.

-Што се однесува до спорните објекти дали ќе бидат срушени, немаме друг начин освен дислоцирање на жителите и рушење на објектите за да се изгради булеварот „Партизанска“. Јас се сочувствувам со жителите, но Законот е јасен. Жителите на оваа локација се времено сместени, истите се известени дека треба да ги напуштат објектите. Во насока на солидаризирање Општина Штип веќе има на располагање објект каде времено ќе бидат сместени. А паралелно се градат типски куќи, кои ќе и бидат дадени во сопственост, рече Јорданов.

Во наредните месеци ќе се започне и со продолжување на булеварот „Гоце Делчев“, однонсо ќе се уредува излезот на градот Штип кон Скопје. Ќе се продолжи постоечкиот булевар во должина од нови 1,6 километри, од кружниот тек кај населбата Железничка до клучката пред населбата Три Чешми. вдј/лв/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан