• среда, 23 октомври 2024

Продолжени санкциите на ЕУ кон ИД, Ал Каеда и милитантите во Судан 

Продолжени санкциите на ЕУ кон ИД, Ал Каеда и милитантите во Судан 

Брисел, 8 октомври 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска донесе одлуки за продолжување на воведените рестриктивни мерки поврзани со активностите на исламистичките организации Исламска држава (ИД) и Ал Каеда, како и кон групи одговорни за поткопување на стабилноста на Судан. 

Со првата одлука, до 31 октомври 2025 година се продолжени санкциите на ЕУ кон ИД и Ал Каеда, како и кон поединци, групи, компании и субјекти поврзани со нив. На оваа листа на санкционирани на ЕУ во моментов се наоѓаат 15 поединци и шест групи. 

Санкциите на ЕУ кон овие физички и правни лица се комплементарни со рестриктивните мерки воведени од Советот за безбедност на ОН кон ИД и Ал Каеда и се одраз на посветеноста на Унијата за дејствување против оние кои го загрозуваат меѓународниот мир и безбедност преку планирање, финансирање и спроведување терористички напади и преку ширење терористичка пропаганда. 

Дополнително, Советот на ЕУ до 10 октомври 2025 година ги продолжи и санкциите воведени кон поединци и субјекти одговорни за поткопување на стабилноста и политичката транзиција во Судан, каде во тек се борби меѓу припадници на суданските Вооружени сили (САФ) и паравоената формација Сили за итна поддршка (РСФ) и на милитантни групи поврзани со нив. На оваа листа се наоѓаат шест физички лица и шест субјекти.  

На сите санкционирани им е замрзнат имотот и е воведена забрана да им се ставаат на располагање средства, финансии или економски ресурси од страна на лица и субјекти од ЕУ. Дополнително, на санкционираните физички лица им е забранет влез во Унијата. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан