Пробиштип им оддава почит на жртвите во пожарот во кочански „Пулс“
- Пробиштип денеска им оддава почит на 63-те жртви во пожарот во кочански „Пулс“. Во пожарот згаснаа животите на четири граѓани на Пробиштип. Општина Пробиштип и градоначалникот Тони Тоневски утринава на социјалните мрежи напишаа: „Понекогаш времето не ги лекува раните, туку само нè учи како да живееме со празнината“.
Пробиштип, 16 март 2026 (МИА) - Пробиштип денеска им оддава почит на 63-те жртви во пожарот во кочански „Пулс“. Во пожарот згаснаа животите на четири граѓани на Пробиштип. Општина Пробиштип и градоначалникот Тони Тоневски утринава на социјалните мрежи напишаа: „Понекогаш времето не ги лекува раните, туку само нè учи како да живееме со празнината“.
- Овој 16 март носи тежина, која не се опишува со зборови. Помина една година од трагедијата, која го згасна светлото во многу домови и остави длабока лузна во срцето на нашиот Пробиштип. Денес, на градскиот плоштад, со свеќа во рака, со наведнати глави и срца полни со тага, им оддаваме почит на нашите млади сограѓани - нашите ангели, кои прерано заминаа во вечноста. Тие беа нашата гордост, нашите насмевки и нашата иднина. Иако физички не се меѓу нас, нивните ликови остануваат врежани во секоја улица, во секое училишно ѕвонче и во секое наше сеќавање - вели Тоневски.
Пробиштип денеска се сеќава на прерано згаснатите животи на четворица свои сограѓани.
- Денес, се сеќаваме на нашите прерано згаснатите животи: Никола Насевски (2007 - 2025) - село Добрево, чиј пат беше прекинат кога неговите соништа само што почнуваа да цветаат, Матеј Марковски (2007 - 2025) - младост што згасна прерано оставајќи зад себе тишина што боли, Тоше Тодоровски (1988 - 2025) - нашиот храбар полицаец од ПС Пробиштип, кој ја извршуваше својата должност до последен здив оставајќи пример за чест и пожртвуваност и Александар Глигоровски (1996 - 2025), кој со денови храбро се бореше, но на 7 април им се придружи на другите ангели - стои во објавата од Општината и на градоначалникот Тоневски.
Во неа се вели дека Општина Пробиштип искрено сочувствува со семејствата.
- Вашата болка е и наша. Вашата загуба е ненадоместлива за целиот град. Нека оваа годишнина биде потсетник дека животот е кревок, но дека љубовта и споменот на оние што сме ги сакале никогаш не умираат. Вечна им слава. Почивајте во мир, момци. Пробиштип никогаш нема да ве заборави - напишаа од Општина Пробиштип. вдј/ац/
Фото: Општина Пробиштип