• вторник, 24 декември 2024

Притвор за приведен турски државјанин во Тетово кој се барал со меѓународна потерница за 15 години затвор

Притвор за приведен турски државјанин во Тетово кој се барал со меѓународна потерница за 15 години затвор

Тетово, 2 мај 2023 (МИА) - Турски државјанин кој времено престојувал во Тетово е приведен во понеделникот, а вчера судија во претходна постапка му одредил притвор од осум дена поради сомнение дека ја фалсификувал неговата патна исправа и непријавено престојувал во државата. Според информациите на Обвинителството, во текот на истрагата било утврдено и дека 50 годишникот е баран со меѓународна потерница од Турција, каде е осуден на затворска казна од 15 години поради дрога.

-Против 50-годишен државјанин на Република Турција Основното јавно обвинителство Тетово, постапувајќи по поднесена кривична пријава, поведе постапка за кривично дело- Фалсификување исправа од член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот поседувал фалсификувана турска патна исправа. По предлог на јавен обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово на осомничениот му определи мерка притвор во траење од осум дена. По направените проверки, утврдено е дека за осомничениот има распишана меѓународна потерница од Република Турција, каде е осуден на затворска казна од 15 години за кривично дело - Комерцијализација или набавување на наркотици или стимулативни супстанции согласно турското законодавство. Потерницата е распишана во декември 2022 година, информираше Обвинителството.

СВР Тетово информираше дека 50-годишниот А.Ш.од Република Турција  околу пладне на 1 мај бил лишен од слобода на улица „29 Ноември" во Тетово поради сомнение дека ја фалсификувал неговата патна исправа. Турскиот државјанин синоќа бил спроведен во КПУ Затвор Скопје за издржување на притворот. ас/ац/ 

Фото: МИА архива

Остани поврзан