• среда, 13 ноември 2024

Притвор за поранешниот директор на грчкиот Национален театар за силување малолетници

Притвор за поранешниот директор на грчкиот Национален театар за силување малолетници
Атина, 26 февруари 2021 (МИА) – Мерка притвор му беше одредена на грчкиот актер, режисер и поранешен уметнички директор на Националниот театар на Грција, Димитрис Лигнадис по обвинувањата дека во минатото силувал две малолетни лица, јави дописничката на МИА од Атина. Лигнадис вчера беше изведен пред истражен судија и јавен обвинител, неговиот исказ траеше четири часа, беа сослушани и сведоци, по што во текот на ноќта беше соопштена и одлуката да биде притворен. Ќе биде префрлен во некој од грчките затвори сѐ до одржувањето на судскиот процес, а неговиот адвокат, по соопштувањето на одлуката рече дека ќе достави жалба. Поранешен уметнички директор на Националниот театар на Грција, тврди дека е невин за делата за кои што се товари и дека никогаш во животот не изразил љубовен или сексуален интерес за малолетни лица, ниту пак дека остварил сексуален контакт со малолетници. По поднесените две тужби во кои се товари за силување, Лигнадис минатата сабота беше уапсен, а од Министерството за правда на Грција соопштија дека сега веќе случајот е во рацете на правдата, а „долгогодишниот молк, веќе е прекинат“. Еден од случаите е од пред десет години, а жртвата тврди дека тогаш бил на 14-годишна возраст и неколку пат бил силуван од познатиот актер и режисер. Димитрис Лигнадис пред 20 дена си поднесе оставка од позицијата директорот на Националниот театар на Грција, откако неговото име се споменуваше во сведоштва за сексуално насилство и злоупотреба. ср/сд/

Остани поврзан