• среда, 15 април 2026

Прилеп преку Упатство и спогодба ќе ги решава надоместоците за граѓани каснати од бездомни кучиња

Прилеп преку Упатство и спогодба ќе ги решава надоместоците за граѓани каснати од бездомни кучиња

Прилеп, 24 март 2026 (МИА) - Прилепската локална самоуправа почнува со примена на Упатство за спогодбено решавање на случаи на граѓани каснати од бездомни кучиња за да им се исплати надомест.

Како што информираат од општината, со примената на Упатството за начинот и правилата на утврдување и исплата на надоместок на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња, граѓаните кои претрпеле штети од каснувања, да поднесат барање за надомест и со тоа почнува постапка за спогодбено решавање на случајот. 

-Постапката се спроведува преку формирана Комисија, која врз основа на доставената документација и утврдената фактичка состојба предлага висина на надоместок, по што на барателот му се доставува спогодбата, информираат од прилепската локална самоуправа.

Барањата се достапни во архивата и на официјалната веб-страница на општината. Во текот на минатата година општината исплатила околу 8 милиони денари на име надомест по судски случаи на граѓани каснати од бездомни кучиња. Ова Упатство го донесе општинскиот Совет.

-Можеби ова упатство и правилник претставуваат само обид да се направи одредено поместување, но од некаде мора да се почне за да видиме дали ќе даде резултати, во насока на решавање на долгогодишниот проблем. Општина Прилеп, следејќи ги примерите од други општини, може да направи одредени чекори за намалување на финансиските трошоци кои се создаваат по основ на надоместок на штета од каснување од кучиња скитници. Сепак, за жал, проблемот не може системски да се реши само на локално ниво. Ова нека биде и иницијатива од нашата општина за отворање поширока дебата и за евентуални измени на законската регулатива, бидејќи станува збор за наследен проблем кој со години се продлабочува, посочи прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски пред советот при изгласувањето на Упатството.

Ситуацијата со бездомните кучиња е комплексна, особено што, според градските власти, се носат кучиња и од други општини.ем/фф/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан