• петок, 22 ноември 2024

Признанија за најдобрите во крводарителството во Велес, Градско и Чашка за 2023

Признанија за најдобрите во крводарителството во Велес, Градско и Чашка за 2023

Велес, 15 март 2024 (МИА) - По повод претстојниот 17 Март - Ден на крводарителството, Општинска Организација на Црвен крст Велес синоќа ги додели традиционалните признанија за најдобрите во крводарителството во Велес, Градско и Чашка за 2023 година. Признание за 100 пати дарувано крв доби Тодор Хаџи Ристов, за 75 дарувања наградени се Божо Димовски, Димче Наумов и Стефан Јовчев.

Признание за 50 дарувања им беше врачено на Ѓоре Коцев, Наунчев Игор, Иван Стојанов, Пејчиновски Дени, Јордан Кирков, Драганчо Талевски, Снежана Петрушевска, Роберто Јаневски и Нино Николов.

Во знак на благодарност за унапредување и омасовување на крводарителството, значаен придонес за исполнување на локалниот и републичкиот план за крводарителство во 2023 година и за поддршка на крводарителството, Благодарница им се додели на: Команда за обука и доктрини на Армијата на Северна Македонија, „Скил ап академија“, Средното училиште ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“, Основна организација на Црвен крст Градско и мотиваторите за крводарителство Благое Климкаров, Дончо Николовски, Слободан Бошков и Зоран Јаневски

Признание за развој и поддршка на крводарителството добија и Службата за трансфузиона медицина од Велес и д-р Лилјана Поцкова, д-р Славе Јорданов, Мимоза Николова, Милка Илиева и Душанка Темова, сега сите во пензија.

Поцкова, која 40 години работеше во Службата за трансфузиона медицина во Велес, за МИА изјави дека е пресреќна што го добива ова признание за нејзината работа на полето на крводарителството во Велес, Градско и Чашка.

-Се гордеам што вечерва сум во друштво на крводарителите, со кои сум соработувала цел мој работен стаж. Чест е да се работи и да се биде во друштво со најхуманите луѓе  кои се со големо и  хумано  срце и секогаш спремни да даруваат крв и спасат нечиј живот во опасност и им помагаат на сите болни на кои итно им е потребна драгоцената течност. Нашата служба за Трансфузиона медицина во Велес многу напорно  работеше во сите изминати години, а младите наши колеги продолжуваат и сега  за поттикнување на крводарителството, кое во Велес и пошириокиот регион е секогаш на врвот на најуспешните во земјава. Се надевам дека крводарителите и понатаму ќе останат хумани и ќе ја даруваат драгоцената течност, секогаш кога е потребно, потенцира д-р Поцкова.

На свеченоста настапија учениците од ОМУ „Стефан Гајдов“, а се прикажа и видео спот, кој го изработија волонтерите од Клубот на млади. ад/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан