Прием во Општина Битола за ансамблите од странство на „Илинденски денови“
- Заменик градоначалникот на Општина Битола, Бојан Бојкоски и секретарот на општината Борче Димитровски, организираа прием на гости од странство, учесници на фестивалот „Илинденски денови“.
Битола, 31 јули 2025 (МИА) - Заменик градоначалникот на Општина Битола, Бојан Бојкоски и секретарот на општината Борче Димитровски, организираа прием на гости од странство, учесници на фестивалот „Илинденски денови“.
Претставниците на ансамблите од Мексико, Грузија, Хрватска, Полска, Индонезија и Швајцарија, искажаа јавна благгодарност за приемот во Битола и учеството на 55 издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Според претставниците на Општина Битола, Бојкоски и Димитровски, со фестивалот, во градот се случува културно раздвижување, собирајќи различни култури, традиции и фолклорни обележја на едно место.
-Општината продолжува да ја реализира својата заложба за вистинска убавина и исполнетост на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“, со колоритност и уметничка светлина, соопштија од тамошната локална самоуправа.
Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ завршува вечер со доделување на награди и признанија за најдобрите македонски фоклорни ансамбли, а во нивна чест, гостите од странство ќе приредат интернационална вечер на традиционална музика и игра. мт/дма/
Фото: Општина Битола