Привршува пријавувањето на учеснички за „Невестинско поклонение 2024"
- Уште само три дена остануваат за пријавување на учеснички, снаи и свекрви за манифестацијата „Невестинско поклонение“ 2024 што ќе се одржи во недела, 24 март, во црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, кривопаланечко.
Крива Паланка, 20 март 2024 (МИА) - Уште само три дена остануваат за пријавување на учеснички, снаи и свекрви за манифестацијата „Невестинско поклонение“ 2024 што ќе се одржи во недела, 24 март, во црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, кривопаланечко.
Манифестацијата претставува возобновена традиција на поклонение за пород пред светецот Теодор Тирон на младите невести, венчани помеѓу две Тодорици, заедно со нивните свекрви.
-Ги повикуваме сите невести, венчани помеѓу две Тодорици, заедно со свекрвите да се пријават за учество на годинашната манифестација што ќе се одржи во недела. Учесничките треба да бидат облечени во родокрајна народна носија, а годинава манифестацијата ќе ја збогати учеството и на снаата од „Галичка свадба“ со нејзината свекрва, како и пар-снаа и свекрва од збратимениот град Лесковац, Србија, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.
Пријавувањето трае заклучно со петок, 22 март 2024, во Општина Крива Паланка, кај Емил Додевски или кај Стојанче Величковски, претседател на здружението „Патник".
Невестите и свекрвите ќе учествуваат во дефилето во дворот на црквата „Свети Теодор Тирон“, каде ќе примат благослов од кривопаланечкото архиерејско намесништво.
Манифестацијата ќе биде придружена со богата културно-уметничка програма, со настап на КУЗ „Карпош“ и музички бенд.
„Невестинско поклонение" е дел од „Крива Паланка - Град на културата 2024". ид/дма/
Фото:Плакат