• недела, 22 декември 2024

Привршува изградбата на булеварот „Братство Единство“ во Струмица

Привршува изградбата на булеварот „Братство Единство“ во Струмица

Струмица, 20 декември 2023 (МИА) - Привршува изградбата на булеварот „Братство Единство“ во Струмица во должина од 500 метри. Деновиве се поставува асфалтот, а останува уште хортикултурно да се уреди и да се постави осветлување.

Увид во градежните работи денеска изврши градоначалникот Костадин Костадинов заедно со членови на Советот. Притоа истакна дека новата модерна сообраќајница ќе го поврзува градот со булеварот „Климент Охридски“ од една страна и индустриската зона од друга страна.

-Станува збор за едно големо предизборно ветување пред граѓаните, секако со силни заложби обврската на Општината беше да се изгради мостот, што всушност претставува и првиот булеварски мост изграден во Струмица воопшто. Мостот „Обединување“ е завршен, веќе се асфалтираат коловозните ленти на новиот булевар и очекуваме во најскоро можно време, според планираната динамика, изведувачот да ги финишира работите, рече Костадинов.

Струмичкиот градоначалник во изјавата додаде дека на половина од мандатот речиси 70 отсто од предизборната програма ја реализирал, а остануваат уште неколку реконструкции и уште неколку булевари.

-Изградбата на булеварот Струмица-село Дабиле е во полн ек, со сите предизвици со коишто се соочуваме таму. За Социјалната населба одобрени се 65 милиони денари за реализација на втората фаза со крајна цел дислокација на дивите градби од улицата „Климент Охридски“, односно на влезот во Струмица од кај Валандово. Тоа се огромни, капитални проекти коишто претставуваат своевидна трансформација на градот Струмица, поврзување на населените места, конкретно за булеварот „Братство Единство“, развој на економијата и нормално во 2024 година очекувам зелено светло од советниците за почнување со реализација на новиот градски пазар, за што и примарно е изграден целиот овој булевар, истакна Костадинов.

Булеварот „Братство Единство“ е изграден по најсовремени стандарди во патната инфраструктура, има две коловозни ленти широки по 7,5 метри, од двете страни тротоари со ширина од 3 метри, со одводнување и комплетна сообраќајна сигнализација. рт/дма/

Фото: Општина Струмица

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан