• четврток, 26 март 2026

Привремениот претседател на Сирија и германскиот министер Вадефул разговараа за нова фаза во односите меѓу двете земји

Привремениот претседател на Сирија и германскиот министер Вадефул разговараа за нова фаза во односите меѓу двете земји

Дамаск, 30 октомври 2025 (МИА) – Привремениот претседател на Сирија, Ахмед ал Шара, денеска во Дамаск се сретна со германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, со кого разговараа за односите меѓу двете земји.

Ова е прва посета на Вадефул на Сирија откако во мај ја презеде функцијата министер за надворешни работи. Неговата претходничка, Аналена Бербок од Зелените, двапати ја посети Сирија, по соборувањето на тогашниот претседател Башар ал Асад во декември 2024 година од страна на исламистичка коалиција.

– Со падот на диктатурата на Асад, сирискиот народ влезе во нова ера. Сакаме да му помогнеме да ја преземе контролата врз иднината на својата земја, изјави Вадефул пред заминувањето за Дамаск.

Во соопштението на сириското претседателство се наведува дека ал Шара и Вадефул разговарале за „можностите за зајакнување на билатералната соработка во политичката, економската и хуманитарната сфера“.

Германската амбасада во Дамаск, која беше затворена во 2012 година поради граѓанската војна, повторно почна со работа во март годинава, по средбата меѓу Бербок и ал Шара.

Германија прими стотици илјади сириски и авганистански бегалци што побегнаа од граѓанските конфликти во своите земји, а миграциската криза достигна кулминација во 2015 година. Многу од тие бегалци и денес живеат и работат во Германија.

Миграциските бранови и џихадистичките напади придонесоа за зајакнување на позициите на крајната десница во земјата, поради што актуелниот канцелар Фридрих Мерц усвои построга политика во областа на азилот.

– За време на крвавата граѓанска војна, над еден милион Сиријци најдоа засолниште во Германија. Некои од нив сега размислуваат да се вратат и да учествуваат во обновата на својата земја. Би сакал оваа посебна врска меѓу нашите држави дополнително да се продлабочи, изјави Вадефул.

Според податоците на ОН, по падот на Асад и завршувањето на 13-годишната граѓанска војна, околу еден милион бегалци се вратиле во Сирија. ссм/

фото: архива

Остани поврзан