• четврток, 26 март 2026

Претставници на германскиот бизнис ќе ја посетат Бугарија во септември за да разговараат за можни инвестиции, соопшти Радев во Берлин

Претставници на германскиот бизнис ќе ја посетат Бугарија во септември за да разговараат за можни инвестиции, соопшти Радев во Берлин

Берлин, 28 август 2025 (МИА/БТА) - Претседателската институција води разговори со германски компании, чии претставници на почетокот на следниот месец ќе ја посетат Бугарија за разговори за можни инвестиции, соопшти претседателот Румен Радев по средбата со германскиот шеф на државата Франк-Валтер Штајнмаер во палатата „Белви“ во Берлин денес.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Двајцата шефови на држави се согласија дека соработката меѓу Бугарија и Германија е многу добра и дека треба да се прошири.

„Мојата лична амбиција е во Бугарија да отвориме нови капацитети и да учествуваме во производството, исто така на Ербас (Airbus)“, рече Радев, појаснувајќи дека станува збор за одделот на авио-концернот „Аеротек“ (Aerotec).

Претседателот додаде дека во февруари на Минхенската безбедносна конференција веќе имал сериозни разговори со раководството на компанијата и дека во септември тие ќе ја посетат Бугарија. „Повторно ќе организираме средби со бугарскиот бизнис и со бугарската влада“, рече тој, изразувајќи надеж дека бугарските власти „максимално ќе ја искористат не само оваа компанија, туку и другите, а овие посети нема да бидат присвоени и претворани во пиар кампања на политички лидери“.

Радев ја нагласи добрата заедничка работа со германскиот претседател Штајнмаер, која трае веќе осум години.

Ова е трета посета на бугарскиот претседател на Берлин, а германскиот шеф на државата двапати бил во Софија за време на неговиот мандат.

Во центарот на вниманието секогаш било зајакнувањето на економската соработка. Германија е стратешки сојузник и водечки економски и инвестициски партнер. Дијалогот на највисоко ниво е важен за зајакнување на довербата во сите области од интерес, рече Радев.

Тој додаде дека политиката треба да доведе и до конкретни практични придобивки, истакнувајќи дека веќе една година претседателската институција работи со Федералната асоцијација за унапредување на економијата и надворешната трговија на Германија.

Според него, можни нови области за инвестиции се авиоиндустријата, електричната мобилност, електрониката, енергетиката и интелигентните системи за безбедност и одржлив развој. Претседателот Радев вчера учествуваше во отворањето на нов високотехнолошки завод на германскиот оружен концерн „Рајнметал“ (Rheinmetall) во Унтерлус, покраина Долна Саксонија.

Компанијата планира, заедно со бугарските власти, да отвори две фабрики во Бугарија – една за гранати и една за барут, со инвестиција од над 1 милијарда евра, рече нејзиниот извршен директор Армин Папергер.

Практичното планирање на овие проекти веќе е во доменот на извршната власт, истакна Радев. Тој нагласи дека претседателската институција веќе ја завршила најважната работа со доведувањето на овој стратешки инвеститор во Бугарија и со неговото убедување дека во земјата вреди и треба да се инвестира.

Овој процес треба да биде одржлив и да се одвива што побрзо, рече претседателот, додавајќи дека станува збор не само за заводите за барут и муниција, туку и за низа други важни области. Соработката со „Рајнметал“ ќе продолжи и во сферите на беспилотни и автономни системи, електрониката и воената авиотранспортна техника, во однос на што Бугарија има голем потенцијал. Румен Радев предупреди дека инвестицијата на „Рајнметал“ може најмалку да се забави ако владата „не си ја заврши домашната задача“.

Според статистичките податоци, Германија зазема прво место како надворешно-трговски партнер на Бугарија. За 2024 година, стоковната размена меѓу двете земји надминува 12,3 милијарди евра. Главните извозни производи од Бугарија за Германија вклучуваат машини и опрема, електроника, текстил, хемиски производи, храна. Бугарија увезува автомобили, индустриски машини, електронски компоненти, хемикалии и стоки за широка потрошувачка.

Вкупните директни инвестиции од Германија во Бугарија заклучно со јануари 2024 година изнесуваат 4,109 милијарди евра. Околу 30 проценти од 100-те најголеми инвеститори во Бугарија се германски или со германско учество. Најголемите инвестиции се во секторите автомобилска индустрија, машинство, трговија, електроника и електротехника и др.

_____________________________________________________________________________________________________________________________

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан