• понеделник, 04 ноември 2024

Претставник на СЗО меѓу загинатите во напад на хотел во Могадишу

Претставник на СЗО меѓу загинатите во напад на хотел во Могадишу

Најроби, 11 јуни 2023 (МИА) - Вработен во Светската здравствена организација е убиен во напад на радикалните исламисти Шебаб врз хотел во главниот град на Сомалија, Могадишу, изјави денеска генералниот директор на организацијата Тедрос Аданом Гебрејесус.

Шест цивили загинаа, а десет се ранети во нападот на група од седум исламистички борци врз хотелот Перл Бич на брегот на Могадишу ноќта во саботата. Загинаа и тројца припадници на безбедносните сили.

„Срцето ми е скршено по загубата на работник на СЗО во неодамнешниот напад во Могадишу“, напиша Тедрос во пораката на Твитер, додавајќи дека СЗО ги осудува сите напади врз цивили и хуманитарни работници.

Групата Шебаб, која ја презеде одговорноста за нападот, рече дека цел на нападот било место  посетувано од владини претставници.

Околу 15 години групата води бунт против федералната влада поддржана од меѓународната заедница и често ги напаѓа хотелите во кои престојуваат високи сомалиски функционери и странци.

Групата, која беше протерана од градовите во 2011-2012 година, има упоришта во големи делови од руралните области.

Сомалискиот претседател Хасан Шеик Мохамуд објави „тотална војна“ против групата и во септември минатата година започна воена офанзива поддржана од американски воздушни напади. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан