• сабота, 23 ноември 2024

Претстава на Скопје танцов театар со Рисимкин и Данчевска за роденденот на Танц фест Скопје

Претстава на Скопје танцов театар со Рисимкин и Данчевска за роденденот на Танц фест Скопје

Скопје, 13 април 2022 (МИА) - На сцената на Македонскиот народен театар вечер ќе се одбележи осумнаесеттиот роденден на Танц фест Скопје. Во програмата е короеграфијата „Котел“ на Рисима Рисимкин, потоа Go Figure It Out“ на Адријана Данчевска, и за крај претставата „Идентитети - Историја на еден растегнат сон“, која ќе се изведе со Скопје танцовиот театар.

Во кореографијата „Котел“ ќе настапат танчарите Сара Димовска, Јоана Благадуша, Андреј Димоски, Клара Цветковска, Емилија Милак, Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, кои се школуваат на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, а кои од годинава влегуваат во состав на Скопје танцовиот театар 2, како подмладок и нова креативна сила на современата танцова сцена кај нас. 

Второто дело е „Go Figure It Out“ на Адријана Данчевска, музика Herzel-Glimmering Eyes, Sawf-Sandа ќе настапат Дејан Битровски, Сара Димоска, Стефани Шааршмит, Андреј Димоски и Викторија Коцева. 

„Идентитети - Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин е претстава која во Париз беше оценета како брилјантана, а Рисимкин како софистициран, авангарден кореограф.

Музиката е на Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, а дизајн на сцена и светло на Матеа Мијановиќ. Ќе настапат Анастасија Данчевска, Сара Цветковска, Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, Викторија Коцева, Андреј Димоски, Стефани Шааршмит и Емилија Милак.

Танц фест Скопје 2022 е поддржан од Министерство за култура, Град Скопје, Американската амбасада во Скопје, Француски институт Скопје, Дом на Арм Скопје, Perform Europe, East is Best, КултурановаПокровители на Танц Фест Скопје 2022 се ВИТАЛИЈА и БОВИН.

Исто така, во рамки на вечерашната претстава, ќе се прочита македонската порака за Меѓународниот ден нa танцот, (Македонски центар на ИТИ), која годинава ја напиша Олга Панго, балерина и кореограф, актуелна уметничка раководителка на Балетот при НОБ.

Таа, во пораката, меѓу другото, порачува дека танцот е слобода со која се надминуваат најсложените и најтешките ситуации во животот. 

- Танцот е толку возбудлив и забавен што ние кои се занимаваме со него сме среќни луѓе. Во времиња како овие, времиња на големи искушенија и транзиции, во ерата на пандемијата, единствениот спас е да се прочистуваме со нешта кои се возвишени: како танцот и уметноста воопшто. Танцот опстојувал, опстојува и ќе опстои независно од тоа колку општеството ќе ги поддржи оние кои го негуваат, се борат и живеат од него, со него и во него. Секојдневното присуство на танцот нè прави само посреќни и побезгрижни. Танцувајте колку можете повеќе. Користете го телото за убавина и естетика, така го зголемувате количеството на дух кој ни е потребен, за да опстоиме како единки и група во овие чудни времиња за битисување. Танцувајте секој ден, учете ги вашите деца да танцуваат и да бидат среќни. Помогнете им на постарите и немоќните да го придвижат своето тело за да се чувствуваат подобро, се вели во пораката на Олга Панго. бт/лв/

Остани поврзан