• петок, 15 ноември 2024

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Луксембург, Марк Хубш

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Луксембург, Марк Хубш

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска ги примил акредитивните писма на Марк Хубш, новоименуваниот амбасадор на Големото Војводство на Луксембург за Република Северна Македонија, со седиште во Луксембург.

Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма потенцирал дека во скоро тридецениската историја на дипломатски односи, со заеднички напори Големото Војводство на Луксембург и Република Северна Македонија успеаја да изградат динамични политички односи и солидно ниво на меѓусебна соработка во повеќе области.

-Претседателот ги изрази интересот и подготвеноста за натамошно интензивирање и продлабочување на заедничката соработка во сите области од заемен интерес, пред сè, интензивирање на соработката на економски план. Посочувајќи дека Луксембург е земја основач на Европската Унија и еден од најгласните застапници на процесот на проширувањето, претседателот Пендаровски искажа особена благодарност што Луксембург секогаш застапува став на оптимизам во дискусиите на состаноците на Советот на ЕУ за досието на Северна Македонија, се наведува во соопштението.

Амбасадорот Хубш во својот говор изразил убедување дека постои потенцијал за натамошно подобрување на билатералните односи, пред се во економијата.

Тој посочил дека Луксембург, како најголем центар за инвестициски фондови во Европа и иновативен лидер во однос на зелените финансии, дефинитивно може да одигра важна улога во тој поглед.

-Амбасадорот Хубш ја реафирмираше недвосмислената поддршка на Луксембург за перспективата за членство во ЕУ на Западен Балкан и нагласи дека процесот на проширување е инвестиција во мир, безбедност, стабилност и просперитет. Тој порача дека членките аспиранти треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на пристапување заснована на заслуги и со помош на ЕУ, се наведува во соопштението.

Претседателот Пендаровски на амбасадорот Хубш му посакал успех во извршувањето на оваа исклучително значајна дипломатска мисија. дма/ац/

Фото: Кабинет на претседателот на РСМ

Остани поврзан