• понеделник, 23 декември 2024

Претседателот на ФФМ оствари средба со битолскиот градоначалник

Претседателот на ФФМ оствари средба со битолскиот градоначалник

Битола, 18 април 2023 (МИА) – Повеќе важни прашања поврзани со инфраструктурните услови за напредокот на фудбалот во Битола беа разгледани на денешната средба на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, со битолскиот градоначалник Тони Коњановски.

На средбата, како што соопшти попладнево ФФМ, главен акцент беше ставен на поставувањето рефлекторско осветлување на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, обезбедено од страна на ФФМ во рамки на програмата „Хет – трик четири“.

Двете страни се договорија во периодот што следува да бидат финализирани потребните постапки и рефлекторите да бидат ставени во функција во јуни.

Од страна на ФФМ е искажана подготвеност за поддршка на општина Битола за реализација на нови фудбалски проекти и активности, меѓу кои, како посебно важен беше истакнат проектот за реконструкција на јужната трибина, со што комплетно би се заокружил проектот за стадионот во Битола.

- Со претходниот проект од „хет-трик“ програмата, ние веќе целосно го реконструиравме теренот со поставување на модерен дренажен систем, а по финализирањето на постапката ќе започне и поставувањето на рефлекторите на стадионот кое очекуваме да биде во функција веќе во месец јуни. Многу поголем и позначаен проект е реконструкцијата на јужната трибина, но уверен сум дека заеднички можеме да направиме нови големи работи за стадионот во Битола, како еден од нашите најголеми фудбалски центри, изјави по средбата Сејдини, најавувајќи успешна соработката со локалната власт и во иднина.

Според него, Општинскиот фудбалски Сојуз – Битола е еден од најголемите во нашата држава и благодарение и на нивната работа и посветеност, фудбалот е заеднички јазик во вистинска смисла и со раководните луѓе во локалната самоуправа.

Тоа е важно за подобрување на условите и напредокот. Општина Битола е пример за добра соработка и потврда дека само со заеднички напори можеме да го оствариме зацртаното, рече првиот човек на ФФМ.

Градоначалникот Коњановски, од своја страна, искажа голема благодарност до ФФМ за досега реализираните активности, истакнувајќи дека во наредниот период како општина и во соработка со федерацијата, ќе се преземат сите обврски за заокружување на репрезентативна инфраструктура која би претставувала гордост за градот и ФК Пелистер, како еден од најголемите фудбалски брендови во државата. ег/сх/

Фото: ФФМ

Остани поврзан