• недела, 22 декември 2024

Претседателот на Сенегал ја отфрли одговорноста за кризата во земјата

Претседателот на Сенегал ја отфрли одговорноста за кризата во земјата

Дакар, 20 март 2024 (МИА) - Сенегалскиот претседател Маки Сал денеска ја отфрли одговорноста за кризата во неговата земја откако ги одложи изборите. Сал рече дека „не направил ништо лошо“, пренесува Би-Би-Си.

Според него, таа одлука не ја донел сам, туку реагирал на загриженоста на пратениците. Кризата избувнала кога на само три недели пред претседателските избори, кои требаше да се одржат на 25 февруари, претседателот Сал најавил дека тие ќе бидат одложени, што подоцна беше одобрено од парламентот.

Сепак, Уставниот суд на Сенегал ја поништи таа одлука, а соопштението предизвика жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите низ целата земја, во кои загинаа три лица.

Критичарите го обвинија претседателот дека сака да го продолжи својот мандат на власт што е можно повеќе, што тој го негираше, велејќи дека одложувањето е неопходно за да се решат споровите околу подобноста на другите претседателски кандидати.

Новите избори треба да се одржат во недела на 24 март.

Сал заврши два целосни мандати како претседател на Сенегал, што е максимум според сегашниот устав. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан