• понеделник, 25 ноември 2024

Претседателот на Нигерија повика на прекин на насилните протести

Претседателот на Нигерија повика на прекин на насилните протести

Абуџа, 4 август 2024 (МИА) - Нигерискиот претседател Бола Тинубу денеска повика на прекин на протестите што избувнаа поради економските проблеми, изјавувајќи дека тие прераснале во насилни за што обвини „неколку лица со политичка агенда“ дека ги почнале.

Протестите, кои почнаа во четвртокот, беа придружени со грабежи и вандализам, како и со обвинувања дека безбедносните сили употребиле прекумерна сила.

Амнести интернешнал објави дека девет демонстранти загинале во судирите со полицијата, додека други четворица биле убиени од бомба.

Нигериската полиција го негираше извештајот на Амнести.

-Ве слушнав јасно и гласно, рече претседателот Тинубу во својата прва јавна изјава за демонстрациите, додавајќи дека ја разбира болката и фрустрацијата што ги поттикнуваат овие протести и уверувајќи ги дека неговата влада е посветена да ги слушне и да посвети грижа за граѓаните.

Но, истакна тој, „неколкумина со јасна политичка агенда сакаат да ја уништат оваа земја“ и тие ќе добијат отпор од безбедносните сили.

Нигерискиот лидер додаде дека неговата влада нема да остане со скрстени раце и да дозволи да продолжи грабежот од изминатите неколку дена.

-Им наредувам на демонстрантите и организаторите да прекинат со секој натамошен протест и да создадат простор за дијалог, рече тој.

Протестите се предизвикани од најтешката криза поради трошоците на животот и обвинувањата за корупција во оваа најнаселена африканска земја, која воедно е и најголем производител на нафта.

Соработниците на Тинубу соопштија дека протестите се политички мотивирани.

Неговиот избор минатата година беше оспорен од опозицијата, откако тој победи со само 37 отсто од гласовите, што е најмала разлика од кој било нигериски претседател досега. На тие избори беше забележен и најмал одѕив на изборите од 1999 година, кога земјата се врати на демократијата. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан