Претседателот на грчката партија СИРИЗА предлага меѓународна конференција на ЕУ-со земјите од Источен Медитеран
- Повеќе од кога било потребно е да се свика Мултилатерална конференција на лидерите на ЕУ со државите од Источниот Медитеран за мир на Блискиот Исток и демократска транзиција во Сирија, посочува претседателот на грчката партија СИРИЗА Сократис Фамелос и ја повикува Владата, „наместо да ги чека активностите на трети веднаш да преземе иницијативи на меѓународно и европско ниво, особено во пресрет на преземањето на функцијата членка на Советот за безбедност на ОН“, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 20 декември 2024 (МИА) – Повеќе од кога било потребно е да се свика Мултилатерална конференција на лидерите на ЕУ со државите од Источниот Медитеран за мир на Блискиот Исток и демократска транзиција во Сирија, посочи претседателот на грчката партија СИРИЗА Сократис Фамелос и ја повикува Владата, „наместо да ги чека активностите на трети веднаш да преземе иницијативи на меѓународно и европско ниво, особено во пресрет на преземањето на функцијата членка на Советот за безбедност на ОН“, јави дописничката на МИА од Атина.
Фамелос вели дека Владата треба заедно со другите партнери да ја поттикне ЕУ да се активира во регионот „со опипливи иницијативи на највисоко политичко ниво, а не само со назначување специјален претставник“.
Целта на оваа меѓународната конференција, според лидерот на СИРИЗА, треба да биде: итен прекин на огнот во Газа; мир и стабилност во Либан и спроведување на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН; нормализација на односите Иран-Израел во однос на иранската нуклеарна програма, како и мир и демократска транзиција на власта во Сирија.
Конкретно за Сирија, вели дека сириското прашање треба да се однесува на четири столба: воспоставување на владеење на правото преку демократски процеси, заштита на правата на малцинствата и верските заедници и нивно вклучување во новото владеење, како и почитување на правото на морето од новата сириска Влада, а особено почитувањето на суверените права на Република Кипар; разоружување на вооружените групи и постепено формирање на вооружени сили и полициски сили на Сирија, со ефикасна борба против ИСИС; обнова и економско закрепнување на Сирија со хуманитарна помош, како и постепено враќање на сириските бегалци, под услов да се исполнат трите горенаведени критериуми.
Дополнително, Фамелос се осврнува и на ситуацијата во Газа, потсетува дека 13 пратеници на СИРИЗА на почетокот на месецов упатиле две пратенички прашања до министрите за надворешни работи, внатрешни работи, правда и заштита на граѓаните, „во врска со налозите за апсење од Меѓународниот кривичен суд за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана, „за злосторства против човештвото и воени злосторства“. ср/ми/