Претседателот на Африканската унија побара поправедни алатки за реструктуирање на долгот
- Лоренсо денеска зборуваше на самитот АУ-ЕУ во главниот град на Ангола, Луанда, бидејќи растечкиот број африкански земји се соочуваат со ризик од должничка криза.
Луанда, 24 ноември 2025 (МИА) - Претседателот на Ангола, Жоао Лоренсо, кој моментално претседава со Африканската унија (АУ), повика на поправедни алатки за реструктуирање на долгот и иновативни инструменти за финансирање на поддршката на развојот на Африка, јавија британските медиуми.
Лоренсо денеска зборуваше на самитот АУ-ЕУ во главниот град на Ангола, Луанда, бидејќи растечкиот број африкански земји се соочуваат со ризик од должничка криза.
„Заедничката рамка“ на Г20, воспоставена за време на пандемијата на Ковид-19 за забрзување на реструктуирањето на долгот за најсиромашните земји, за време на изминатиот викенд постигна ограничен напредок на самитот на групата, свикан за нејзино подобрување.
„Итно ни е потребна нова визија за финансиските односи меѓу Африка и меѓународните кредитни институции, за да можеме да инвестираме во развој без да бидеме задушени од неодржлив долг“, рече Лоренсо на првиот ден од самитот АУ-ЕУ.
„Во име на цела Африка, ја повторувам итноста од работата врз сеопфатна реформа на глобалниот финансиски систем, вклучително и механизмите за фер реструктуирање на долгот“, додаде тој.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на состанокот се согласи дека глобалниот финансиски систем треба да се ревидира.
Иницијативата „Заедничка рамка“ на Г20 првично беше тестирана, а како примери беа земени Гана и Замбија, на кои им требаа години за да постигнат напредок.
Загриженоста за задолженоста на земји како Сенегал и Мозамбик ги врати механизмите за решавање на долговите во центарот на вниманието, забележуваат британските медиуми.сд/
фото:Википедија