Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Индија, Арун Кумар Саху
- Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Индија со седиште во Софија, Арун Кумар Саху.

Скопје, 24 април 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Индија со седиште во Софија, Арун Кумар Саху.
Како што соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, на церемонијата амбасадорот истакна дека негова цел е билатералните односи да достигнат повисоко ниво, со посебен фокус на засилен политички ангажман, поцврсти трговски и инвестициски врски и развој на културната соработка.
Сиљановска-Давкова рече дека значајна димензија претставува економската соработка, бидејќи Индија нуди огромни можности за партнерство во информатичката технологија, обновливите извори на енергија, фармацевтската индустрија и во инфраструктурниот развој. Таа нагласи дека ние можеме да понудиме стратешка локација на Балканот, квалификувана работна сила и поволна деловна клима за индиските инвеститори и компании. Посебно внимание, според неа, заслужува соработката во областа на образованието и културата, додавајќи дека не поврзуваат и богатите културни традиции, заедничката посветеност на мирот, демократијата и владеењето на правото.
Обајцата, како што се наведува, се согласија дека двете земји ги спојува една посебна врска - светицата Мајка Тереза, родена во Скопје, а која својот живот го посветила на несебично помагање на најранливите во Индија.
-Оваа необична и исклучителна жена станува духовен мост на поврзување на двата народи, симбол на хуманоста и добрината, вредности коишто се почитуваат и негуваат во македонското и во индиското општество, се наведува во соопштението.
Посакувајќи му успешен амбасадорски мандат таа изрази очекување за реализирање на договорената официјална посета на претседателката на Индија, Друпади Мурму, на што амбасадорот рече дека тоа прашање е високо на неговата агенда. мд/аа/
Фото: Кабинет на претседателката Сиљановска-Давкова