Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Аргентинската Република
- Таа, како што соопштија од нејзиниот кабинет, му посакала добредојде на амбасадорот и истакнала дека 25-годишнината од воспоставувањето на македонско-аргентинските дипломатски односи е добра прилика за нивна оценка како пријателски, особено преку градењето партнерство во меѓународните организации, односно Обединетите нации.

Скопје, 28 февруари 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на Алехандро Зотнер Мејер, новоименуваниот амбасадор на Аргентинската Република, со седиште во Софија.
Таа, како што соопштија од нејзиниот кабинет, му посакала добредојде на амбасадорот и истакнала дека 25-годишнината од воспоставувањето на македонско-аргентинските дипломатски односи е добра прилика за нивна оценка како пријателски, особено преку градењето партнерство во меѓународните организации, односно Обединетите нации.
Претседателката потенцирала дека членството во ЕУ бил и останува врвен македонски приоритет. Исто така, според неа треба да се засилат процесите на евроинтеграција на Западен Балкан, заради потребата од проширување во функција на европска стабилност во услови на бурни геополитички промени во светот.
Амбасадорот Зотнер Мејер ја запознал претседателката со заложбата на Аргентина да биде глобален партнер на Алијансата.
-Обајцата сметаат дека и покрај големата географска оддалеченост време е за проширување, продлабочување и унапредување на економската соработка меѓу двете држави, особено преку создавање на поволни услови за инвестиции. Според соговорниците, науката, образованието, културата и туризмот се вистински предизвик за меѓусебна соработка, информираат од кабинетот на Сиљановска Давкова.
Претседателката укажала на реалната можност малубројната македонска дијаспора во Аргентина да одигра важна улога на цврст мост меѓу двете држави.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и амбасадорот Алехандро Зотнер Мејер изразиле очекување за зајакнување на пријателските односи и за прогрес на севкупната соработка. сст/нд/
Фото кабинет на Претседател