• понеделник, 23 декември 2024

Премиера на филмот „Совршен број“ на Кшиштоф Зануси во Кинотеката

Премиера на филмот „Совршен број“ на Кшиштоф Зануси во Кинотеката

Скопје, 8 јуни 2023 (МИА) - Пред самиот крај на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал, вечер во 18:30 часот во Кинотеката, премиерно ќе биде прикажан филмот „Совршен број“ на Кшиштоф Зануси.

Легендарниот режисер, добитник на „Златен лав“ во Венеција во 1984 година, наградуван на Кан, Локарно, Берлин, Монтреал, Токио – Зануси, пристигнува во Скопје како гостин на Фестивалот, а публиката ќе има можност за дискусија по проекцијата. Зануси е еден од 40 основачки членови на Европската филмска академија, предводени од Ингмар Бергман.

Во „Совршен број“, Јоаким е богат човек во години кој не мора повеќе никому ништо да докажува, и кому му се приближува крајот на животот. Од друга страна, се наоѓа младиот математички гениј, Давид, кој ја напушта ветувачката деловна кариера во странство и бара да го покаже својот талент во Полска. Зануси се навраќа на дел од најзначајните теми од неговото досегашно творештво, врските помеѓу науката, животот и вербата, овој пат презентирајќи ги во неочекувана форма на интелектуален трилер.

Вечерашната фестивалска програма продолжува во 21 часот во киното „Мирно лето“ каде што како дел од официјалната селекција на долгометражни филмови ќе биде прикажан „1976“ (2022) на Мануела Мартели.

Утре на затворањето на Филозофскиот филмски фестивал ќе бидат доделени наградите од стручното жири и како дел од ревијалната програма ќе биде прикажан филмот на Карлос Саура награден од Канскиот филмски фестивал во 1976 година, „Змија во пазувите“. Кон филмот излагање ќе има Луис Мартин Ариас, редовен професор на Универзитетот во Ваљадолид.

Филозофскиот филмски фестивал е еден од ретките филмски фестивали во светски рамки што продуктивно ги истражува плуриперспективните димензии на релацијата меѓу филозофијата и филмот. дма/мд/

 

 

Остани поврзан