• петок, 22 ноември 2024

Премиера на видео запис за песната "Божиќ", празничен подарок за граѓаните од Општина Крива Паланка 

Премиера на видео запис за песната

Крива Паланка, 6 јануари 2024 (МИА) - Со официјалната промоција на видео записот за песната "Божиќ", во изведба на Нина Николовска, денес кога се чествува Бадник, во исчекување на радосната вест за Христовото раѓање, Општина Крива Паланка им подари празничен дар на сите граѓани како круна на културно- уметничката програма на општината.

-Ексклузивен Божиќен, празничен, подарок за сите, кулминација на празничната културна програма од општината во новогодишниот и божиќниот период. Подарок наменет за широката публика од градот, државата и регионот е продукциското првенче на Центарот за аудиовизуелни уметности Крива Паланка, видео запис на песната "Божиќ", во изведба на Нина Николовска, реализиран под покровителство на Општина Крива Паланка. Успешната соработка со центарот, поддршката од општината на граѓанскиот сектор што во континуитет ја реализираме, резултираше со траен запис за таа успешна и правилна насоченост на средства кон граѓанските организации кои ги презентираат своите капацитети и пружаат можности за младите. Станува збор за професионален видео спот што ја претставува раскошната атмосфера, празнична магија за време на најубавите празници, за време на Божиќ во нашиот град и ова е уште една потврда за посебноста во стилот на  промоција на нашата Крива Паланка како локација и за културен туризам, освен како викенд локација за планински, гастрономски, еко-туризам, уживање во природата и чистиот воздух, информира градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Видеото го изработи тим познати музички и уметнички професионалци од Крива Паланка и државата.

-Автор на музиката и аранжманот е џез-музичарот по потекло од Крива Паланка, Гордан Спасовски, текстот е на Рената Кралевска, режија, Александар Ристески, директор на фотографија, нашиот сограѓанин со децениска професионална кариера во бројни популарни продукциски содржини, Тони Величковски, додека извршен продуцент на целиот проект е Методи Цветковски. Тимот на драго срце работеше во изминатите месеци на целиот проект, вложувајќи ги несебично целата своја професионалност и искуство, како влог во трајна музичка вредност за идните генерации, информираат од  Центар за аудиовизуелни уметности Крива Паланка.

Проектот се реализира како концепт - идеја што го промовира празничниот, новогодишен и Божиќен амбиент во центарот на градот, но и на локациите што нудат вистинска празнична идила.

-Во спотот се доловуваа раскошниот амбиент во градот, со сѐ она што општината го прави: новогодишниот базар, културната понуда и програма за сите генерации. Ресторан парк "Гиновци" исто така ги отвори своите врати за реализација на дел од сцените во спотот кој е квалитетно продуцирана содржина, иако е прв ваков продукт на центарот. Идејата е песната да биде траен музички подарок за сите граѓани од целата држава, но и од регионот и светот, носејќи го тополиот амбиент на празничните денови до сечие срце, посочи извршниот продуцент Методи Цветковски.

Општина Крива Паланка денес организира "Бадникови поворки" со Бадникова прослава на градскиот плоштад, а утревечер, во 18 часот, ќе се одржи "Божиќен концерт" на Трио џентлмен. ид/аа/

Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан