• понеделник, 23 декември 2024

Преку „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ месечни стипендии добија 474 ученици со попреченост, во 43 училишта подобрена пристапноста и инклузивноста

Преку „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ месечни стипендии добија 474 ученици со попреченост, во 43 училишта подобрена пристапноста и инклузивноста

Скопје, 30 мај 2023 (МИА) - Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ придонесе за суштинска вклученост на учениците со попреченост во редовните основни училишта, преку доделените месечни стипендии на 474 ученици со попреченост, во 43 училишта беше подобрена пристапноста и инклузивноста, повеќе од 150 ученици со попреченост добија образовно-туторска поддршка, 300 родители беа консултирани за секојдневните предизвици и повеќе од 430 вработени во училиштата учествуваа во обуки за поддршка на процесот на подучување ученици со попреченост.

Ова беше истакнато на завршниот настан на проектот кој е финансиран од Европската Унија, а се реализраше во соработка со Министерството за образование и наука. Имплементартори на проектот беа Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“.

На настанот кој се одржа денеска во Кино Фросина при МКЦ, беше истакнато и дека проектот понуди разновидни содржини, од панел дискусија за инклузивно образование со претставници од релевантни институции, преку активности за најмладите со актерот Мартин Јорданоски, до изложба на 10-годишниот уметник и стипендист на проектот Филип Циглењак Симоновски, како и промоција на 30-минутниот документарен филм „Повеќе од попреченост“ кој е подготвен како дел од проектот. Овој филм беше премиерно прикажан на завршниот настан, а во текот на јуни ќе биде достапен и на националните и локалните телевизии и на социјалните медиуми на Фондацијата „Чекор по чекор“.

На завршниот настан свои обраќања имаа и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, претставникот од Делегацијата на Европската Унија, Нафи Сарачини и извршната директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“, Сузана Киранџиска.

Сарачини, во име на Делегацијата на ЕУ, изрази благодарност за проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој постигна импресивни резултати во изминатите 30 месеци во остварувањето на својата благородна цел.

-На сите ни е добро познато дека резултатите можат да дојдат, како што вели името на организацијата што го спроведува, чекор по чекор. Но, сите се надеваме дека конечниот исход ќе направи разлика во борбата против дискриминацијата и во промовирањето на еднакви права и гледањето на попреченоста како разновидни способности - позитивен елемент и талент што треба да се препознае и искористи, истакна Сарачини.

Министерот Шаќири ѝ се заблагодари на ЕУ за финансирањето на проектот кој е од суштинска важност за остварување на визијата на Владата за градење еднакво општество за сите.

-Резултатите кои ги постигнавме во изминатите 30 месеци преку проектот „Биди ИН, Биди ИНклузивен, Биди ИНклудиран“ се импресивни, мотивирачки и иницираат нови идеи и активности за обезбедување дополнителни облици на поддршка за вклучување на ученици со попреченост во редовните основни училишта и за олеснување на нивниот воспитно-образовен процес, изјави министерот Шаќири.

Директорката на Фондацијата „Чекор по чекор“ Киранџиска потенцираше дека целта на Фондацијата е да идентификува остварливи и конкретни активности за градење инклузивен образовен систем кој ќе ја забрза заедничката цел за обезбедување можности за учење и развој на секое дете.

-Овозможувањето секое дете и семејство, особено оние кои се дел од ранливите групи, да бидат вклучени, почитувани и вреднувани, да партиципираат и да работат на остварување на заедничките цели и да го развијат својот потенцијал, е од интегрално значење за да имаме квалитетно образование. Токму проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ беше уште една заложба да ја оствариме својата визија за квалитетно и инклузивно образование за секое дете. Многу сме ѝ благодарни на ЕУ, со чија финансиска поддршка го реализиравме овој проект, изјави Киранџиска. вг/са/

 

Фото: Фондацијата „Чекор по чекор“

Остани поврзан