Предвремени парламентарни избори во Јапонија
- Јапонските гласачи денеска на предвремени парламентарни избори одлучуваат за судбината на владата на премиерот Шигеру Ишиба, а аналитичарите сметаат дека гласачите ќе ја казнат владејачката коалиција поради скандалот со јавните финансии и инфлацијата што може да стави крај на децениската доминација на Либерално-демократската партија (ЛДП) на Ишиба.
Токио, 27 октомври 2024 (МИА) - Јапонските гласачи денеска на предвремени парламентарни избори одлучуваат за судбината на владата на премиерот Шигеру Ишиба, а аналитичарите сметаат дека гласачите ќе ја казнат владејачката коалиција поради скандалот со јавните финансии и инфлацијата што може да стави крај на децениската доминација на Либерално-демократската партија (ЛДП) на Ишиба.
Според анкетите, ЛДП и нејзиниот долгогодишен партнер Комеито, во време кога Јапонија се бори со зголемените животни трошоци и се позаострените односи со соседна Кина, ќе претрпат тежок пораз на денешните избори и коалицијата би можела да го загуби парламентарното мнозинство.
Губењето на мнозинството во Долниот дом ќе го принуди Ишиба, кој е на власт само еден месец, да преговара за поделба на власта со помалите партии, што би донело неизвесност за некои политички агенди, иако ниту една анкета не предвидува дека ЛДП ќе биде исклучена од власт.
Ако, по изборите, Ишиба биде принуден да избере партнери кои се залагаат за задржување на каматните стапки блиску до нула, политичките превирања би можеле да го потресат пазарот и да претставуваат предизвик за Банката на Јапонија, која сака постепено да ги зголемува каматните стапки, пренесуваат агенциите. рп/
Фото: МИА архива