• недела, 22 декември 2024

Предвидени средства во општинскиот буџет за уредување на новите тетовски гробишта

Предвидени средства во општинскиот буџет за уредување на новите тетовски гробишта

Тетово, 10 февруари 2024 (МИА) - Со два милиони денари (32 илјади евра) од општинскиот буџет во текот на 2024 година треба да се направи промена на постојаната лоша состојба на новите православни гробишта за Тетово кои се наоѓаат на патот кон селото Фалише.

Иако 17 години претставува нова локација за погребување најчеста слика таму се гробовите кои се обраснати со трева, дива вегетација и фрлените отпадоци, а сè уште нема изградено тоалет, затворена просторија, место за седење и слично. Освен гробовите има само една патека, натстрешница со клупи и чешма.

Православните гробишта ги стопанисува Јавното комунално претпријатие „Тетово“ но раководителот на одделението за православни гробишта вели дека средства добиваат за чистење и одржување, а немаат за нешто повеќе да изградат.

- Ние немаме средства за да се извршат тие работи на гробиштата во Фалише. Општината треба да инвестира, изјави раководител на одделение за православни гробишта Мирослав Симоски.

Советникот од редовите на СДСМ, Глигорије Стојановски, вели дека постојано на седниците на советот е барано да се преземе нешто повеќе за гробиштата, но тврди дека не се прифатени нивните предлози.

- Ние сме побарале, меѓутоа до сега не сме наишле на слух, се надевам дека во иднина ќе наидеме на разбирање и дека тој проблем со православните гробишта во најбрзо време ќе се реши, изјави Глигорије Стојановски.

Ангел Карапетров, координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ која е дел од мнозинството во Советот на Тетово уверува дека во текот на годината ќе се смени состојбата, зошто се определени пари од општинскиот буџет.

- Во буџетот за 2024 година предвидовме два милиони денари, и со тие пари се планира да се реши санитарен јазол, да се направи еден помошен објект. Со помош на ЈКП Тетово ќе се работи на уредување на просторот, санирање на штета на оградата, и ќе се работи н хортикултурно уредување на просторот. Јавната набавка уште не е објавена, очекуваме наредниот месец да се објави и со текот на пролета да се почне со активности, изјави Ангел Карапетров.

Од 2007 година како нова локација за православните гробишта, поради недостигот од слободни места во градот е одредено ова државно земјиште во селото Фалише, на 5 километри од Тетово. Сепак местото се избегнува од жителите на градот и дел од починатите се погребуваат на други гробишта во тетовските села. ас/аа/

Фото: МИА 

Остани поврзан