• петок, 22 ноември 2024

Преглед на настани за руско-украинската војна до 18 часот

Преглед на настани за руско-украинската војна до 18 часот
Киев, 1 март 2022 (МИА) – Кус преглед на најбитните настани од војната во Украина до 18 часот. – Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, на вонредната пленарна седница на Европскиот Парламент за Украина порача дека Русија се наоѓа на критичен крстопат, воедно и крај на една ера во нејзините односи со ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел. –  Министерството за одбрана на Велика Британија соопшти дека „продолжува илегалната и неиспровоцирана инвазија на Украина“. Во објава на Твитер тие споделија и мапа на која се прикажани руските позиции и насоки на нападите. „Мапата ги содржи најновите разузнавачки информации за ситуацијата во Украина“, објавија тие на Твитер.  Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во видео обраќање до Советот за човекови права на ОН во Женева во вторник го постави прашањето дали Русија заслужува да остане членка на овој совет по нејзината инвазија на Украина.   Украинските власти денеска соопштија  дека осум лица биле убиени во руски воздушен напад врз станбена зграда во источниот град Харков, каде претходно од руски проектили беше уништена административна зграда. „Како резултат на воздушен напад… осум лица загинаа, а шест се повредени во Харков“, соопшти украинската служба за вонредни состојби. – Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска изјави дека продолжува нападот врз Украина. Тој додаде дека најважно беше да се заштити Русија „од воената закана на западните земји, кои се обидуваат да го искористат украинскиот народ во борбата (против Русија)“. – Францускиот премиер Жан Кастекс, во денешното обраќање пред Парламентот за руската инвазија врз Украина, нагласи дека рускиот претседател Владимир Путин е „целосно одговорен“ за војната. – Ситуацијата во Украина може да предизвика најголема бегалска криза во Европа во 21 век со повеќе од 600.000 бегалци за кои се верува дека досега избегале од Украина во соседните земји, соопшти денеска УНХЦР. - Руските трупи го гранатираа малиот украински град Охтирка, во регионот Суми, од повеќекратните ракетни системи за лансирање Град, при што загинаа повеќе од 70 украински војници. Ова го соопшти шефот на регионалната воена управа на Суми, Дмитро Живицки, во објава на Фејсбук, пренесува Укринформ. - Амбасадорот на Украина во Кралството Холандија, Всеволод Ченцов, утринава соопшти дека го доставил барањето на Украина за членство во ЕУ до Филип Леглис Бонс, постојан претставник на Франција во ЕУ, земјата која во овие шест месеци претседава со Советот на ЕУ. „Апликацијата е поднесена. Процесот е почнат“, напиша Ченцов на Твитер. - Украинската армија соопшти дека соборила неколку руски воени авиони во текот на вчерашниот шести ден од оружените судири. Украинските воздохопловни сили сопштија за уништени пет руски воени авиони и еден хеликоптер, а информацијата ја објави и киевскиот весник „Украинска правда“. - Руската армија е пред портите на украинскиот град Херсон, на југот на земјата, изјави денеска градоначалникот Игор Коликаев. „На влезовите во Херсон руската армија постави контролни пунктови. Тешко е да се каже како ќе се развива ситуацијата“, напиша Коликаев на Фејсбук. - Руски конвој долг повеќе од 60 километри е снимен со сателит, јавија американски медиуми. „Драматични сателитски снимки објавени синоќа од Максар Технолоџис (Maxar Technologies) покажуваат огромна колона руски воени возила долга повеќе од 60 километри како се движи по патиштата северозападно од Киев“, јави Си-Ен-Ен. - Украинската влада соопшти дека од денеска планира да продава обврзници за да ги плати своите вооружени сили додека ја бранат земјата од руската инвазија, јави Би-Би-Си. - Сите членови на специјалната мониторинг мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) го напуштат украинскиот град Доњецк. - Советникот на министерот за внатрешни работи на Украина Антон Герашченко утринава соопшти дека руските сили го гранатирале Плоштадот на слободата во центарот на Харков. Државната служба за вонредни ситуации соопшти дека едно лице загинало, а три се повредени во денешното гранатирање на Харков, пренесува Интерфакс Украина. - Повеќе од 660.000 луѓе ја напуштија Украина откако Русија ја почна инвазијата на таа земја, соопшти Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР). - Руската војска постигна мал напредок кон Киев во изминатите 24 часа поради логистички тешкотии, додека армијата ја зголеми употребата на артилерија северно од главниот град, покажуваат податоците на британското воено разузнавање, пренесува Гардијан. - Клучниот југоисточен украински град Мариупол на Азовското Море остана без електрична енергија по нападите на руските сили кои напредуваат, изјави денеска шефот на регионот Павло Кириленко. – Мариупол и Волноваха се наши! Двата града се под притисок на непријателот, но тие се држат. Во Мариупол, електричните линии се прекинати и градот е без струја. Двата града се под притисок на непријателот, но тие се држат. Во Мариупол, електричните линии се прекинати и градот е без струја, објави Кириленко на Фејсбук. - За Русија е неприфатливо да има американско нуклеарно оружје на територијата на некои европски земји. Крајно време е тоа да биде вратено во САД, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. - Украина им понуди пари на руските војници и им вети имунитет од казна доколку се предадат, објави денеска германската агенција ДПА. „Одлучете. Излезете без оружје, со бело знаме“, објави сношти на Фејсбук министерот за одбрана Олексеј Резников. паг/  

Остани поврзан