Прв форум „Зен 2.0 Караван: „Млади лидери на заедниците”
- Учесниците, како што информираат од Здружението, на почетната менторска обука „Јавен настап и креативно себепрезентирање“, имаа можност да се стекнат со вештини за јавно себепрезентирање и комуникациски вештини, каде низ практични примери и вежби добија можност да се претстават, да создадат различни видови на известувања за медиуми, но и да бидат информирани за типовите на комуникација, кои постојат помеѓу индивидуално лице или група и еден јавен медиум.
Скопје, 16 ноември 2023 (МИА) - Во седиштето на Здружението Икуалити – Скопје, во рамки на проектот Зен 2.0 Караван, се одржа првиот од петте форуми за менторство за млади лидери.
Учесниците, како што информираат од Здружението, на почетната менторска обука „Јавен настап и креативно себепрезентирање“, имаа можност да се стекнат со вештини за јавно себепрезентирање и комуникациски вештини, каде низ практични примери и вежби добија можност да се претстават, да создадат различни видови на известувања за медиуми, но и да бидат информирани за типовите на комуникација, кои постојат помеѓу индивидуално лице или група и еден јавен медиум. Воедно, во втората менторска обука насловена „Физички и ментален имунитет“, учесниците се стекнаа со вештини, како со конкретно делување да станат свесни за сопственото влијание во креирање на постабилен имунитет, како на физичко, така и на психичко ниво.
-Во вториот дел од првиот менторски форум за млади лидери на заедниците, се одржа менторска обука „Како до успешно и индивидуално и групно застапување“, каде учесниците беа обучени за начините за самозастапување, во рамки на правниот поредок во земјата, но и на меѓународно ниво. Беа прикажани и позитивни примери за правни чекори, кои довеле до позитивен исход за барателите на правдата, особено во делот на заштита на основните човекови права, се наведува во соопштението.
По завршување на Првиот менторски форум и евалуацискиот период, младите лидери во рамки на иницијативата „Замисли, проектирај и направи промена“ ќе одберат едно значајно прашање или предизвик, што со помош на стекнатите вештини и под менторство на обучувачите во периодот што следи ќе се обидат да го надминат. Целта е да се обезбеди видлива промена, која ќе ги мотивира нивните врсници, но и целото општество, дека промента е возможна, само и доколку преземемат чекори за нивното остварување.
Во соработка со општинските власти, како и со поддршка на локални организации од областа на младинските прашања Зен 2.0 Караванот ќе се обиде да работи на промени и во останатите четири проектни општини, Гостивар, Битола, Стурмица и општините од подрачје на Град Скопје.
Повикот за млади лица – учесници од Општина Гостивар ќе биде објавен од почеток на наредниот месец. љм/са/
Фото: Здружение ИКУАЛИТИ