• четврток, 25 април 2024

Прв меморијален шаховски турнир „Тодор Милосиев – Тошо“ во Кочани

Прв меморијален шаховски турнир „Тодор Милосиев – Тошо“ во Кочани
Кочани, 30 април 2022 (МИА) – Шаховскиот клуб „Кочани“ беше домаќин и организатор на првиот меморијален турнир „Тодор Милосиев – Тошо“ што денеска се одржа во чест на неговиот долгогодишен претседател и тренер, кој почина минатата година како последица од Ковид-19. На турнирот учествуваа 16 шахисти кои одиграа седум кола по Швајцарски систем на натпреварување, а првото место и победничкиот пехар го освои искусниот Гоце Георгиев. Второто место му припадна на Гоце Стојчев, а третопласиран беше Митко Петрушев. - Тодор Милосиев несебично се посветуваше на работата во шаховскиот клуб, беше добар тренер и учител, особено за најмладите шахисти. Во шаховската традиција на Кочани, тој останува значајно име и има голем придонес за постигнатите шаховски резултати на државно и на меѓународно ниво. Благодарноста за тоа што го стори за сите нас ја искажуваме токму со овој меморијален турнир, истакна Владимир Мицов, претседател на ШК „Кочани“. Покрај дипломите и пехарите за тројцата најдобри, организаторот им додели парични награди на седумгодишниот Матеј Диванисов, како најмлад учесник и на четирикратната државна првенка и учесничка на Европското и на Светското првенство во шах, Јована Давиткова која беше единствена шахистка на турнирот. Како увертира на турнирот се одржа и младински шаховски натпревар на кој настапија шестмина најмлади членови на клубот, како и гостинот Емануел Ангеловски, по потекло од Кочани, кој живее и учи во Швајцарија и членува во Шаховскиот клуб „Цирих Зебах“. Меморијалниот турнир „Тодор Милосиев – Тошо“ се одржа под покровителство на Општина Кочани, а од кочанскиот шаховски клуб најавија дека тој ќе биде традиционален, со тенденција да добие и меѓународен карактер. та/мч/

Остани поврзан