• петок, 14 февруари 2025

Првпат извршена опсервација на видот Молика на Шар Планина

Првпат извршена опсервација на видот Молика на Шар Планина

Тетово, 14 февруари 2025 (МИА) - Вработените во Националниот парк „Шар Планина“ првпат во текот на 2024 година имаат извршено мапирање и мониторинг на ендемичниот вид дрво Pinus peuce (Молика), кое се наоѓа само на пределот од Јелак до Плат. Биле добиени првични резултати за видот, неговата распространетост, живеалиштето, виталноста на популацијата, како и главните закани.

Дрвјата се наоѓаат во високите делови на Шар Планина на надморски височини од 1,700 до 1,900 метри, на терени со калциски и доломитни почви. Живеалиштето е од фрагментиран карактер распослан под врвните делови на локалитетот Плат, но и локалитетот Јелачки Врв.

- Преземањето соодветни мерки за заштита е клучно за долгорочниот опстанок на Pinus peuce во Национален парк „Шар Планина“, се вели во извештајот од спроведениот мониторинг.

 -Се препорачува контрола на сите антропогени активности, особено оние кои можат да предизвикаат пожар и загуба на видот, заштитата на калциските и доломитните почви за неговото опстанување, контролирано користење на водните ресурси во локалитетот Лешница за да се намалат негативните ефекти од недостаток на вода и суша врз видот, да нема комерцијални активности за користење на дрвна маса од овој вид, се дел од мерките за заштита.

Заштитата и опстанокот на видот да бидат едни од приоритетите при изработката на посебните планови за одгледување и заштита на шумите во таа шумско стопанска единица, се дел од препорачаните мерки за заштита.

-Рехабилитација на деградирани терени: На места каде што популациите на Pinus peuce се намалени, потребно е да се изврши рехабилитација на екосистемот преку засадување нови примероци од видот. За ова, потребно е да се користат садници со генетски разноликост, со цел да се обезбеди најдобра адаптација на новите услови, се вели во извештајот на НП „Шар Планина“ во делот на мерките за заштита.

Стручните лица посочуваат дека потребно е и подигнување на свеста кај локалните заедници и посетителите на паркот за важноста на Pinus peuce и заштитата на неговото природно живеалиште. Организирање на кампањи и едукативни програми кои ќе им помогнат на локалните заедници да разберат колку е важен овој вид за регионалниот еколошки систем. ас/мд/

фото: НП „Шар Планина“ 

 

Остани поврзан