• петок, 22 ноември 2024

Прво издание на интернационалниот Скопски поетски фестивал

Прво издание на интернационалниот Скопски поетски фестивал
Скопје, 30 август 2021 (МИА) - Од 1 до 3 септември ќе се одржи првото издание на новооснованиот интернационален Скопски поетски фестивал со учество на 16 домашни и странски поети, од кои поради пандемијата дел ќе бидат лично присутни, а дел ќе се претстават со видеопроекции. Како што соопштуваат организаторите, првото издание на манифестацијата ќе може да понуди околу една четвртина од првично планираната програма, која најпрво беше преполовена поради недобивањето поддршка од страна на Министерството за култура (во два наврата), а дополнително е скратена заради актуелната состојба со ковид во државата. Дваесетина поети од регионот и од Европа веќе изразиле поддршка и го поздравиле основањето на фестивалот со видеопораки и со песни, коишто можат да се видат на „Инстаграм“ и „Фејсбук“ профилите, како и на „Јутјуб“ каналот на манифестацијата. На отворањето на фестивалот, на 1 септември од 19 часот во МКЦ ‒ Скопје, ќе читаат дузина поети на настанот наречен „Стихофренија“, тематско поетско читање посветено на народната поезија и фолклорот воопшто, а за таа цел читањето ќе биде и музички поддржано со настап на дел од членовите на ВИС „Тркалезна маса“. Ќе биде отворена и ликовна изложба на која 16 ликовни уметници и графички дизајнери ќе се претстават со свои дела што се директно инспирирани или комуницираат со конкретна песна на секој од поетите што ќе настапат на фестивалот. На 2 септември, исто така со почеток од 19 часот, на истата локација, ќе бидат претставени поетите од странство: Сергеј Тимофеев од Латвија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција, Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг од Фарските Острови, како и македонската поетеса Лидија Димковска, а ќе се емитуваат и неколку куси поетски филмови: дел од нив наменски снимени и инспирирани од песни на поетите што ќе читаат на интернационалната вечер, авторство на Валентина Бактијаревиќ од Србија. Остварена е и соработка со „Киноскоп“, фестивал на аналогни и експериментални филмови од Белград, Србија, чиишто организатори за поетскиот фестивал направија избор од шест куси поетски филмови од автори од САД, Јапонија, Германија и од Канада. На третиот и последен ден на фестивалот, планиран е мастерклас, односно работилница за креативно пишување поезија што ќе се одржи преку платформата „Зум“ во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје и Институтот за македонска литература. Работилницата ќе ја води Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, кој вакви работилници одржал и на други универзитети, како што се Оксфорд и Станфорд. Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, како и од винаријата „Стоби“. Учесници поети: Павлина Атанасова, Биљана Стојановска, Лира Бојку , Ким Симонсен, Снежана Стојчевска, Диме Данов, Јулијана Величковска, Вонбјошт Ванг, Ива Дамјановски, Владимир Мартиновски, Лидија Димковска, Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Танос Гогос, Марија Дејановиќ и Сергеј Тимофеев. Учесници ликовни уметници и графички дизајнери: Зоран Кардула, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Андреј Павлов, Воскресија Андреевска, Тони Попов, Марио Каев, Калин Маловски, Диме Данов, Александар Иванов, Наталија Лукомска, Филип Мартиновски, Ива Јованова, Владимир Лукаш, Емилија Мишева и Владимир Илиевски. вг/ац/

Остани поврзан