Првиот вицепремиер Сали се сретна со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер
- Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, при што беа разгледани клучните прашања поврзани со процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, управувањето со миграцијата, граничната безбедност и борбата против организираниот криминал.
Скопје, 27 февруари 2026 (МИА) - Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, при што беа разгледани клучните прашања поврзани со процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, управувањето со миграцијата, граничната безбедност и борбата против организираниот криминал.
На средбата, информираат од Кабинетот на Сали, беше потврдена цврстата определба на Владата за продолжување на реформите во рамките на кластерот „Основи“, со посебен фокус на владеењето на правото, јавната администрација и заштитата на фундаменталните права. Министерот Сали ја нагласи посветеноста на Северна Македонија кон исполнување на отворачките мерила и одржување на реформскиот моментум.
-Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез и излез на Европската Унија и неговото влијание врз професионалните возачи од регионот. Министерот Сали ја истакна потребата од прагматично и пропорционално решение кое ќе ја зачува економската стабилност и ќе обезбеди непречено функционирање на синџирите на снабдување, имајќи предвид дека Северна Македонија е земја која целосно зависи од патниот транспорт, се вели во соопштението од Кабинетот на Сали.
Во делот на миграцијата и граничното управување, се додава, беше нагласено дека Северна Македонија останува сигурен партнер на Европската Унија, со целосна имплементација на Статусниот договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража и активно учество во заедничките операции.
Двајцата соговорници ја потврдија важноста од продлабочување на соработката во борбата против организираниот криминал, трговијата со дрога и криумчарењето мигранти, како и зајакнување на размената на информации и оперативната координација. вицепремиерот Сали ја реафирмираше определбата на Северна Македонија за целосно усогласување со европските стандарди и продлабочување на институционалната соработка на патот кон полноправно членство во Европската Унија. вј/дма/
Фото: МЕП