Првиот балкански литературен фестивал „Зборови што сјаат“ во Петрич ќе собере писатели од шест земји
- Повеќе од 40 писатели од шест земји ќе учествуваат на првиот балкански литературен фестивал „Зборови што сјаат“ во Петрич.
Софија, 8 октомври 2025 (МИА/БТА) - Повеќе од 40 писатели од шест земји ќе учествуваат на првиот балкански литературен фестивал „Зборови што сјаат“ во Петрич. Најголемата група ќе биде групата уметници од Република Северна Македонија, а меѓу очекуваните учесници се и автори од Србија и Црна Гора, Романија, Грција и Бугарија. Ова за БТА го соопшти поетесата Лилија Јурукова, членка на иницијативниот одбор за организирање и одржување на настанот.
Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Фестивалот започнува на 11 октомври во 12:00 часот во хотелот „Бугарија“ и ќе собере етаблирани и млади автори, издавачи, преведувачи и љубители на зборот. Програмата вклучува премиери на книги, средби со автори, литературни читања и дискусии. Настанот ќе започне со музичко-танцова програма презентирана од локалните училишта.
Специјален гостин на фестивалот ќе биде почесниот граѓанин на Петрич, Володја Стојанов. На програмата ќе настапат и изведувачи од вокалното студио „Сгушена ѕвезда“ предводена од Тања Точева. Сите песни ќе бидат базирани на текстови од поетесата Катерина Кирјанова од Петрич и музика од композиторот Светослав Лобошки.
Лилија Јурукова прецизираше дека е создаден иницијативен комитет за организирање на фестивалот, во кој покрај неа се вклучени и писателот Стојан Милев - член на Сојузот на бугарски писатели и автор на девет романи, како и Антонина Радева. Идејата за настанот се родила во мај, кога уметници од Скопско го посетиле Петрич. Им се допаднал градот и предложиле тој да стане главен град на Балканскиот литературен фестивал.
Меѓу основачите на настанот се писателката од Република Северна Македонија Милица Паулус, Стојан Милев од Бугарија и Трандафир Симпетру од Романија - претседател на Сојузот на писатели во Романија и на Светската асоцијација на писатели. Тој подготвува антологија, во која ќе бидат вклучени дела од поети од 12 земји.
Учесниците на фестивалот ќе добијат антологии, медали, награди и сертификати. Организаторите ги покануваат сите љубители на поезијата да се приклучат и да уживаат во дела од неколку балкански земји. мс/
Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.
фото: БТА