• понеделник, 23 декември 2024

Прва авторизирана биографија на Дарко Панчев

Прва авторизирана биографија на Дарко Панчев

Скопје, 7 септември 2024 (МИА) - Првата авторизирана биографија на легендарниот фудбалер Дарко Панчев напишана од доајенот на спортското новинарство, Зоран Михајлов, ќе биде промовирана на 25 септември во 19 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. 

Како што информираат од „Арс Ламина“, во изданието, Михајлов открива познати и помалку познати случувања, факти и анегдоти за Панчев, за неговиот подем, за постигнувањата и за неговата личност, почнувајќи од неговото детство, преку ангажманите во ФК Вардар и ФК Црвена звезда, па сѐ до европската фудбалска авантура. 

Во книгата е поместен избор од 40 фотографии од приватната архива на Панчев, кои прикажуваат важни моменти од неговата кариера и од неговиот живот.

Публикацијата е збогатена и со искази за Панчев од челниците и легендите на Звезда, од неговите соиграчи, современици, претставници од спортската и од научната фела.

Најславниот и најуспешниот фудбалер на Македонија, Дарко Панчев, е роден на 7 септември 1965 година во Скопје. Настапувал за ФК Вардар, Црвена Ѕвезда, Интер од Милано, Лајпциг, Фортуна Диселдорф и Сион. Добитник е на „Златна копачка“ и „Сребрена топка“, и е прогласен за фудбалер на векот во Македонија.

Ова е трета книга на Михајлов, по „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ и монографијата за борачот Шабан Сејдиу (коавтор). ар/аа/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан