• понеделник, 23 декември 2024

Пратеничките ја иницираа потребата од донесување акциски план за следење на спроведувањето на Стратегијата за демографски политики

Пратеничките ја иницираа потребата од донесување акциски план за следење на спроведувањето на Стратегијата за демографски политики

Скопје, 18 јули 2023 (МИА) - Клубот на пратенички на Собранието на Република Северна Македонија денеска одржа консултативна средба со Фондот за население на Обединетите нации - УНФПА и Министерството за труд и социјална политика, на која беше презентирана Нацрт-верзијата на Стратегијата за демографски политики, од страна на проф. д-р Драган Тевдовски.

Како што информираат од собраниската прес-служба, целта на оваа средба била информирање и запознавање со процесот за развој на новата Стратегија.

Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратенички изразила задоволство од учеството на пратеничките на овој консултативен состанок во рамки на подготовката на документот за демографски политики, чиј носител е Министерството за труд и социјална политика, а поддржан и воден од УНФПА.

Марија Димитровска, aналитичарка на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, посочила дека демографската политика нема идеолошка определба и затоа е важна вклученоста на сите чинители во овој процес, идентификување на предизвиците и изнаоѓање решенија за одржлива политика на Северна Македонија.

Професорот Тевдовски во презентацијата ги потенцираше главните цели, важноста, инклузивниот процес на подготовката на Стратегијата. Целта е, како што посочил, што поширока поддршка и вклученост на државните институции, универзитетите, МАНУ, невладините организации и меѓународните агенции, а пратеничките треба да се столб на Стратегијата.

-Последниот попис на населението укажа на негативен природен прираст, намалување на наталитетот, надворешна емиграција, стареење на нацијата, процес кој не е само кај нас туку и во европските држави, големи демографски диспаритети и нерамномерна просторна распределеност, посочи Тевдовски.

Од Собрание соопштуваат дека презентацијата на Тевдовски резултираше со плодна дискусија на пратеничките во однос на презентираните цели на Стратегијата.

Ова е трета Стратегија за демографски политики 2024 - 2044 година, за период од 20 години, но со можност за ревидирање на секои пет години. Исто така, пратеничките ја иницирале и потребата од донесување акциски план за следење на спроведувањето на Стратегијата.фф/са/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

Остани поврзан