Пратеничката Мимоза Муса на 73. КОСАК конференција во Варшава
- Пратеничката Мимоза Муса, членка на собраниската Комисија за европски прашања учествуваше на 73. Конференција на комисиите за европски прашања на Парламентите на земјите членки на Европската Унија (КОСАК), која се одржа од 8 јуни до денеска во Варшава, Република Полска.

Скопје, 10 јуни 2025 (МИА) - Пратеничката Мимоза Муса, членка на собраниската Комисија за европски прашања учествуваше на 73. Конференција на комисиите за европски прашања на Парламентите на земјите членки на Европската Унија (КОСАК), која се одржа од 8 јуни до денеска во Варшава, Република Полска.
Како што информираат од собраниската прес-служба, конференцијата се одржува во Сејмот на Република Полска, а учество земаат претставници на Парламентите од земјите членки и кандидатите за членство во Европската Унија, како и претставници на Европската комисија и Европскиот парламент.
Темите опфатени на Конференцијата се приоритетите на Полското претседателство со Советот на ЕУ, работните програми на Европската комисија и Европскиот парламент во новиот институционален циклус, идната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ, политиката за проширување и јакнењето на сајбер отпорноста и борбата против дезинформации.
Настанот бил свечено отворен од страна на маршалот на Сејмот на Република Полска, Шимон Холовниа, а Конференцијата се одвивала под копретседателство на Агњешка Помаска, претседателка на Комисијата за европски прашања на Сејмот на Република Полска и Томаш Гродsки, претседател на Комисијата за европски прашања на Сенатот на Република Полска. Во своите воведни обраќања ја нагласиле важноста на парламентарната соработка и единството на европските институции во справување со заедничките предизвици. Тие упатиле повик за продлабочена вклученост на националните парламенти во процесот на донесување политики на ниво на ЕУ и подвлекоа дека проширувањето останува клучен инструмент за стабилност и просперитет на целиот континент.
Пратеничката Мимоза Муса имала свое обраќања на втората сесија од Конференцијата, каде се дебатирало за работните програми на европските институции и Стратешката агенда на ЕУ. Муса истакнала дека приоритетите на Комисијата и Парламентот се од исклучително значење за земјите кандидати. Таа посочила дека Северна Македонија активно работи на зелена транзиција, дигитализација, економски развој и борба против корупцијата, и ја потенцираше важноста на продолжување на политиката на проширување врз основа на заслуги.
Во рамки на своето учество, пратеничката остварила средба со голем број колеги и со амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Полска, Јасмин Ќахил.
КОСАК претставува форум за соработка меѓу комисиите за европски прашања од националните парламенти и Европскиот парламент, кој овозможува редовна размена на информации, ставови и добри практики во однос на европското законодавство и политики. Форумот постои од 1989 година и има важна улога во вклучувањето на националните парламенти во процесите на донесување одлуки на ниво на ЕУ.фф/аа/
Фото: Собрание