• петок, 22 ноември 2024

Пратениците едногласно ги поддржаа измените на Законот за земјоделство и рурален развој

Пратениците едногласно ги поддржаа измените на Законот за земјоделство и рурален развој
Скопје, 31 мај 2022 (МИА) - Со 90 гласови „за“, без ниту еден против и без воздржани, Собранието денеска во рамки на 64-та седница го донесе Предлог- законот за изменување и дополнување на законот за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка. Предлагачи на законот се група пратеници од владејачкото мнозинство. Пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека не се применува и не се почитува Деловникот на Собранието и дека денешните седници на Собранието се закажани на растојание од десет минути што би значело, како што рече, дека нема да има време за ниту еден говор по било која точка, зошто еден говор трае 10 минути. Додаде дека во Собранието не е овозможена и нема отворена дебата и нее оставен простор за подготовка на пратениците. -И покрај сите дезинформации, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ дава целосна поддршка на Предлог-законот, сепак имаме одредени забелешки, кои секако треба и ги истакнуваме со нашиве дискусии, рече Стојаноска. Смета дека власта не ја бидува, не е заинтересирана за работа и додаде дека решение се брзи и предвремени избори. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во расправата укажаа на тековните проблемите на земјоделците во земјава и додадоа дека СДСМ и ДУИ имале можност за корекција, но не сториле ништо. Потсетија на третманот на земјоделецот, на неисплатените субвенции за земјоделците од 2021, 2020 и 2019 година и посочија дека државата има неисплатени обврски кон земјоделците, дека земјоделците заслужуват секогаш подобро законско решение, Пратеничката Љубица Спасова од СДСМ рече дека е лага дека нема пари во буџетот и дека поради тоа не се исплаќаат субвенции за земјоделците. Таа соопшти дека се обезбедени една милијарда и 300 милиони денари се обезбедни во буџетот и по гласањето на овој закон и по објавувањето во „Службен весник“ субвенциите веднаш ќе може да им се исплатат на земјоделците. Нагласи дека не точно дека не се исплатени субвенции досега и потенцира дека има навремена и неселективна исплата. -Во периодот од 2017 до 2019 година исплатени се 305 милиони евра за заостанати редовни субвенции, а финансиската поддршка продолжува и понатаму, потенцира Спасова, која потсети на новите мерки, како зелена нафта, грантови од 20.000 евра за млад земјоделец, грант од три илјади евра за жена земјоделка... Претседателот на Собранието Талат Џафери по гласањето на Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка, ја прекина 64-та седница и даде пауза од пет минути за да се подготват службите. По паузата ќе продолжи 54-та седница, а со неа ќе претседава потпретседателот на Собранието Горан Мисовски. мд/са/

Остани поврзан