• петок, 05 декември 2025

Пратеникот Талевски на есенскиот состанок на Меѓународниот секретаријат на Интерпарламентарното Собрание на Православието

Пратеникот Талевски на есенскиот состанок на Меѓународниот секретаријат на Интерпарламентарното Собрание на Православието

Скопје, 19 ноември 2025 (МИА) - Пратеникот Миле Талевски, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Интерпарламентарното Собрание на Православието, кој воедно е и член на Меѓународниот секретаријат на ИПС на Православието, учествуваше на есенскиот состанок на ова тело, што од 15 до 18 ноември 2025 година се одржа во Аман, Јордан.

Како што соопшти собраниската прес-служба, поздравно обраќање на почетокот на состанокот одржал спикерот на Домот на претставниците на Хашемитското Кралство Јордан, Мазен Ел Кади, кој истакнал дека во услови на безбедносините предизвици со кои се соочува Средниот Исток, тоа што состанокот на Меѓународниот секретаријат на ИПС на Православието се одржува во Аман, Јордан, праќа силна порака за потребата од меѓурелигиски дијалог, почитување на различностите и заедништво. Тој нагласил дека дијалогот меѓу религиите и културите е основа за мир и стабилност. Јордан е држава која е промотор на мирот и стабилноста во исклучително турбулентен регион.

-Генералниот секретар на ИПС на Православието, Максимос Каракопулос, се заблагодари за гостопримството на спикерот Ел Кади, и додаде дека оваа меѓупарламентарна организација останува посветена на надминување на споровите на мирен начин и го поддржува секој дипломатски обид за решавање на конфликтите, а кои подразбираат почитување на индивидуалните и колективните права, се наведува во соопштението.

Тој се осврнал на досегашните активности на Меѓународниот секретарија на ИПС на Православието, при што нагласил дека клучни приоритети се промоцијата на меѓурелигискиот дијалог, што е основа за градење на просперитетна иднина и стабилност.

Претседателот на Генералното Собрание на ИПС на Православието, романскиот пратеник Јан Вулпеску истакнал дека мора да се има предвид улогата на религиозните лидери во справувањето со конфликтите и насилството низ светот. Тој додал дека една од улогите на ИПС на Православието е да учествува во креирањето на канали за комуникација меѓу парламентарните и религиозните тела.

Во рамките на дискусијата се разговарало за начинот како преку меѓупарламентарната соработка да се унапреди меѓурелигискиот дијалог во сите кризни подрачја и секаде каде што се нарушени човековите права, при што станало збор и за нарушувањето на правата на граѓаните на Сирија кои се од христијанска вероисповед. Соговорниците нагласиле дека човековите права мора да се почитуваат, независно од религиската припадност и токму затоа како парламентарци во ИПС на Православието мора заеднички да работат на унапредување на меѓурелигискиот дијалог.

Делегацијата на ИПС на Православието, како што се наведува во соопштението, остварила средба и со принцот Хасан бин Талал, кој е познат како еден од најуважените интелектуалци и хуманитарци во Јордан и Блискиот Исток, а неговата работа долги години е насочена кон меѓурелигискиот дијалог, човекови права и мир.

Во рамките на активностите на пролетниот состанок на ИПС на Православието се одржала и презентација на Томот за „Аја Софија - црквите на мудроста Господова низ светот” на арапски јазик.

Есенскиот состанок на Меѓународниот секретаријат на ИПС на Православието заврши со посета на Светата земја на Ерусалим и Витлеем, каде делегацијата имаше и средба со Неговото Блаженство Теофилос III, Патријарх на Ерусалим и цела Палестина.

На состанокот на Генералниот секретаријат на ИПС на Православието присуствуваа делегации од парламентите на Албанија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Египет, Грција, Грузија, Унгарија, Романија и Србија.

Интерпарламентарното собрание на Православието (ИПСП) е политичка меѓународна организација, интерпарламентарно тело, формирано по иницијатива на парламентот на Република Грција во 1993 година, со седиште во Грчкиот парламент во Атина, кое брои 25 земји-членки и соработува со ИПУ, ПС на Медитеранот, ПАБСЕК, Парламентарната унија на Организацијата за исламска соработка и Пан-Африканскиот парламент.

-Во контекст на новата историска и политичка реалност и промените кои настанаа во почетокот на деведесетите години со падот на комунизмот во југоисточна Европа и Договорот од Мастрихт, учесниците на основачката Конференција „се согласија дека е потребно поголемо присуство и влијание на православието како заеднички религиски и културен израз на огромен број европски граѓани што ќе придонесе за обликување на современата, посткомунистичка Европа,  стои во соопштението.

Самата цел на организацијата е да развие повеќеслојна политичка и културна активност во насока на поттикнување на контакти и проширување на односите на доверба, разбирање на современите политички феномени и општествените трендови и истакнување на елементите на православието како позитивно влијание на меѓусебното разбирање меѓу културите. Двата столба на кои се заснова ИПСП се: од една страна одбрана на независниот парламентаризам и од друга страна ширење и консолидирање на принципите и вредностите на Православната христијанска традиција. Во основа секоја активност на ИПСП е фокусирана на оние кои страдаат. дма/са/

Фото: Собрание 

Остани поврзан