• четврток, 24 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

ПП Левица: Владата не мрда со прст за кочанската болница која е неопремена, со несоодветни услови и недоволно кадар

ПП Левица: Владата не мрда со прст за кочанската болница која е неопремена, со несоодветни услови и недоволно кадар

Скопје, 20 јуни 2025

 

Левица ја оценува како крајно дрска и сулуда вчерашната изјава на директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, каде тој истакна дека се поделени по 150.000 денари помош на сите семејства. Тој дволично истакна дека Кочани е во фокус на владата од самиот почеток и дека ќе остане така.

Но фактите говорат поинаку. Додека граѓаните преку Црвениот крст и платформата Support Kochani донираа над 3.200.000 евра, Владата потроши само 487.000 евра - за трошоци за транспорт и лекување во странство на потешко повредените. Тоа претставува срамен однос од приближно седум спрема еден за донациите на граѓаните наспроти помошта од Владата. И тоа е спротивно на првичните изјави на власта дека државата ќе донира по 150.000 денари првична помош за секое семејство!

Владата на ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ не мрда со прст ниту за кочанската болница која е неопремена, со несоодветни услови и недоволно кадар. Потребната терапија, креми, компресивни ракавици и помагала за рехабилитација сè уште се обезбедуваат исклучиво од донации на обичните луѓе.

Парадоксално, директорот Томовски во истата изјава говореше и за нужноста да се набави нов прескап владин авион! Потсетуваме дека оваа Влада која има обезбедено само 30 милиони денари за погодените од трагедијата во Кочани - за неполна една година од владеењето потроши 40 милиони денари за владиното мени со аспарагус, лигни, папаја и алкохоли. Потсетуваме и дека владини функционери на државна сметка отидоа на скапа и непродуктивна екскурзија во Јапонија заедно со своите сопруги, а исто така за владини екскурзии се изнајмуваа и приватни авиони од државната каса!

Трагично и крајно револтирачки е што за трагедија која одзеде 62 млади животи, за трагедија која никако не настанала поради вина и небрежност на тие деца, туку поради длабока корумпираност на властите - сепак актуелната владејачка гарнитура не гледа за сходно навистина да помогне и да почувствува одговорност. Наместо извлекување поука, гледаме продолжување на истата незаинтересираност, рамнодушност, ароганција и прикривање кое ја предизвика трагедијата.

Со почит, 
Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица 

Фото: МИА архива

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан