По 14-ти пат ќе се одржи Тетовскиот Интернационален филмски фестивал ТИФФ ОДА
- Од вечерва до недела 21 септември во Тетово ќе се одржи 14-тото издание на Тетовскиот Интернационален филмски фестивал-ТИФФ ОДА (TIFF ODA). Оваа година фестивалските филмови ќе бидат прикажани во просториите во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ и Европската куќа (Europe House), a влезот ќе биде слободен и бесплатен.
Тетово, 15 септември 2025 (МИА) - Од вечерва до недела 21 септември во Тетово ќе се одржи 14-тото издание на Тетовскиот Интернационален филмски фестивал-ТИФФ ОДА (TIFF ODA). Оваа година фестивалските филмови ќе бидат прикажани во просториите во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ и Европската куќа (Europe House), a влезот ќе биде слободен и бесплатен.
- На ова издание ќе прикажеме вкупно 44 филма, при што во категоријата Win Panorama беа избрани 29 кратки филмови, поделени во неколку категории како Кратки играни, Документарни, Анимирани и Студентски филмови. Филмовите во оваа категорија ќе бидат оценувани од професионалното жири составено од режисерите Ереник Беќири од Албанија, Љубо Јончев од Бугарија и Ханис Багашов од Северна Македонија.Додека во категоријата Cine Balkan Panorama, каде што учествуваат само филмови од Балканскиот регион, ќе прикажеме вкупно пет премиери. Филмовите во оваа категорија ќе бидат оценувани од професионалното жири составено од режисерот и сценаристот Андамион Муратај од Албанија; професорката Илире Винца од Косово и професорот Лазар Секуловски од Северна Македонија, информираше Сабедин Селмани од организацијата на фестивалот.
И на ова издание, фестивалот пред публиката преку категоријата Cine European Panorama, ќе прикаже филмови произведени од европски продукции. Ќе биде прикажан и филм за деца, додека како специјална проекција, на ова издание ќе ги има документарните филмови „Еден живот во тишина“ од Љубо Јончев и „Печурки израснати во спомени“ од режисерот Ханис Багашов, како и филмот „Кома“ од Агим Абдула, филм кој ќе го затвори ова издание на фестивалот. ас/
Фото: Фестивал ТИФФ ОДА