По посетата на Киев, тројцата премиери се сретнаа со Шарл Мишел
Варшава, 16 март 2022 (МИА) - Премиерите на Полска, Чешка и Словенија разговараа со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, веднаш откако се вратија од Киев, информираше денеска портпаролот на полската Влада.
„Неопходно е да се преземат понатамошни итни мерки за Украина“, напиша Пјотр Милер на Твитер.
Премиерите Матеуш Моравјецки, Петр Фијала и Јанез Јанша безбедно стигнаа во Полска, откако во Киев синоќа се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски и премиерот Денис Шмигаљ.
По состанокот, тројцата премиери изјавија дека дошле да изразат поддршка за украинската борба за слобода и демократија.
- Тука сме да се восхитуваме на вашата храброст и на вашата борба, што го урива митот за непобедливата руска војска, појасни Јанша.
Тој додаде дека Украина не ја брани само својата територија, туку и основните европски вредности.
Тројцата премиери стигнаа во Киев со воз, што претставува прва ваква посета од странски делегации во Украина, од почетокот на руската воена операција. бд/сд/