• среда, 20 ноември 2024

По идејата на Заев за локални избори на 31 октомври: ВМРО-ДПМНЕ бара тие да се одржат на 17 октомври, додека за ДУИ е прифатлив кој било датум

По идејата на Заев за локални избори на 31 октомври: ВМРО-ДПМНЕ бара тие да се одржат на 17 октомври, додека за ДУИ е прифатлив кој било датум
Скопје, 22 јули 2021 (МИА) - Откако премиерот Зоран Заев изјави дека ќе бара согласност од партиите локалните избори во државата локалните избори да се одржат на 31 октомври, со цел да се избегне нивно поклопување со пописот, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека премиерот на своја рака, без консултација со останатите партии, бара поместување на датумот на локалните избори од средината на октомври и побараа изборите да се одржат на 17 октомври. Од друга страна, ДУИ информираа дека за нив е прифатлив кој било датум за одржување на изборите. - Имаме причина за одложување на изборите, а тоа секако е пописот кој ќе се спроведува во септември, и не сакаме кампањата да се поклопи со него, и секако причината е пандемијата за одлагањето. Така што ако не се промени тоа со закон изброрите треба да бидат до 17 октомври, и ќе имаме поклопување на кампањата со Пописот. Предлогот доминанатно од партиите е да биде 31 октомври, ако се согласат и тоа ќе биде вградено во Изборниот законик, изјави  Заев. Од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека Заев „на своја рака без консултација со останатите партии“ бара поместување на датумот на локалните избори од средината на октомври. - Ова е спротивно на досегашната пракса, но и кршење на Уставот каде јасно се утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Изговорот дека се поклопува пописот со кампањата не држат, бидејќи пописот може да се одложи за месец ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот. Патем СДСМ и Заев до пред неколку дена ја убедуваа јавноста дека локалните избори и пописот се процеси кои можат без проблеми да течат паралелно, за сега Заев да говори нешто сосема друго, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Претеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски нагласи дека очекува партиите да го почитуваат законскиот и уставен рок и на 17 октомври да се одржи првиот круг од локалните избори. – Локалните избори не се определуваат за желбата на кој било политичар, било и тој да е премиерот. Локалните избори се одржуваат во точно определен термин според Уставот и законот, а уставниот и законски термин за локални избори е 17 октомври првиот круг, посочи Милошоски. Тој рече дека се друго значи прекршување на Уставот и законите, додавајќи дека „внатрепартиските и меѓукоалициските пресметки во ДУИ, СДСМ, БЕСА и помалите партии не треба да бидат проблем за државата и за граѓаните“ и да бидат изговор изборите да не се одржат на 17 октомври. – Се друго би било неуставно и би можело да го загрози целиот изборен процес како незаконит и незаконито да им се продолжи мандатот на градоначалниците и советите на општините. ВМРО-ДПМНЕ очекува сите политички партии да го почитуваат уставниот и законски рок, а тоа е 17 октомври прв круг локални избори во Македонија, истакна Милошоски. Од друга страна, шефот на дипломатијата и член на ДУИ, Бујар Османи нагласи дека за Демократската унија за интеграција е прифатлив кој било датум за локалните избори за кој ќе се договорат политичките партии. - Kога политичките партии имаат проблеми со датумите, тоа повеќе ми личи дека имаат проблеми со самодовербата за исходот на изборите. Ние во овој случај немаме таков проблем.Така што, кој било датум што ќе го одлучат политичките партии по однос на одржување на изборите за нас е прифатлив. Дали 17, дали 31 октомври, за нас се прифатливи датуми, рече Османи. Запрашан дали ДУИ размислува да ја напушти Владата ако нема поддршка од СДСМ на локалните избори, Османи вели нема такво нешто. - Прво ДУИ не може да ја напушти сопствената Влада, ова е Влада на ДУИ. Така што, мислам дека таа матрица дека ДУИ е влезена е погрешна. Ова е влада на ДУИ и не може да излезе од сопствената Влада. Нема такви ситуации, разговараме со коалициските партнери во однос на постигнување за можноста за соработка на овие локални избори. Имавме добро искуство на изминатите локални и тоа дава доверба кај двете страни дека е тоа добро и за граѓаните и за политичките партии и за државата, посочи Османи. Градоначалникот на Град Скопје и член на СДСМ Петре Шилегов, пак, околу предлогот за датум за одржување на изборите, изјави дека работа на политичките партии е да ги договорат термините за локалните избори, а ние, како што рече, сме подготвени и имаме со што да излеземе пред скопјаните. – Што се однесува до скопјани, јас знам дека им е сосема сеедно дали изборите ќе бидат порано или на 31 октомври, затоа што знам дека ќе изберат континуитет во дејствувањето и функционирањето на градот. Ние сме спремни. Имаме и со што да излеземе пред скопјани. Имаме што да понудиме како продолжение, како континуитет на оваа успешна скопска приказна, потенцираше Шилегов. Во однос на забелешката на ВМРО-ДПМНЕ дека „согласно Уставот, локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври“, Шилегов оцени дека станува збор за обид за проблематизирање на изборите. – Мислам дека повеќе станува збор за изговори со обид да се проблематизираат локалните избори, имајќи во предвид дека и на ДПМНЕ му е јасно дека особено во Скопје нема што да бара на изборите, нагласи градоначалникот. см/сп/    

Остани поврзан