• вторник, 19 ноември 2024

По десет години ќе се стави во функција градскиот базен во Крива Пaланка

По десет години ќе се стави во функција градскиот базен во Крива Пaланка

Крива Паланка, 3 февруари 2023 (МИА) – Градоначалникот на Крива Паланка и претседателот на Ватерполо клуб „Крива Река“ , Боро Стефаносвки, потпишаа договор за закуп на градскиот базен во Крива Паланка со што базенот целосно ќе се стави во функција по речиси една деценија, а кривопланчани конечно ќе добијат летно катче за сите генерации.

-Ставање во функција на градскиот базен во Крива Паланка, продолжување на пливачката школа за најмладите кривопаланчани од сите училишта и клубови, ватерполо школа и формирање прв ватерполо женски клуб се планираат од страна на Ватерполо клубот „Крива Река" со кој денес го потпишавме официјалниот договор за стопанисување со градскиот базен. Договорот е за користење на базенот во период од десет години, а најавуваме и дека веќе од ова лето базенот се очекува да биде главно летно катче за сите генерации паланчанки и паланчани, рече градоначалникот Митовски.

Одговорните од ватерполо клубот посочија дека планираат изнаоѓање решение за затоплување на водата во базенот и овозможување функционални содржини за повеќе спортски активности.

Ватерполо клубот „Крива Река" годинава одбележува пет години постоење, отпочна со работа во 2018 година, а за време на Ковид-19 пандемијата паузираше.

-Клубот е прв во државата што ќе има свој базен и во периодот што следува целта е да се создадат услови Крива Паланка да биде база на пливањето и ватерполо – спортот, триатлон, а оттука да произлезат бројни генерации пливачи и добри спортисти во сите спортови, велат од ВК „Крива Река“.

Според нив, соработката со сите спортски работници и спортски клубови од градот ќе биде на највисоко ниво и ќе бидат овозможени слободни термини за пливање за сите спортисти од општината, со цел унапредување и развој на нивните спортски перформанси.

Договорот за користење на базенот е во период од десет години, а за овој временски период, велат од општината, градскиот базен ќе доживее вистинска транформација во сите сегменти на функционирање. ид/дма/

Остани поврзан